Скапите телефони станаа како луксузниот накит, скапоцените часовници или спортските автомобили - статусен симбол. Една од првите научни студии што се занимавале со влијанието на мобилните телефони врз општеството, од 2003 година, утврдила дека главната мотивација за користење на мобилните телефони била токму статусната.
Десет години подоцна слична студија го потврдила следното: 61 отсто од мажите и 38 отсто од жените кај другите лица најпрво го забележуваат мобилниот телефон. Денес таа ситуација е уште подрастична. Што кажува тоа за нас?
Во состојба сме да штедиме со месеци за нов модел на мобилен телефон. Или да одлучиме телефонот да го купиме на кредит само за да си го дозволиме. Тој не е евтина играчка, а сепак мнозинството луѓе го поседуваат. Секако, полесно е да се купи во споредба со луксузен автомобил или дијаманти, што го прави попристапен статусен симбол во однос на класичните.
Иако просечен човек својот мобилен телефон го исплаќа околу две години, за побогатиот слој од општеството неговата цена е мала. Парадоксално е што иако мобилните телефони треба да ги изедначуваат и спојуваат корисниците, тие го продлабочуваат јазот. Преку кредитите за купување, овие уреди на крајот дури и ги плаќаме поскапо отколку што чинат. Во секој случај, поскапо од оние што можат да ги купат со кеш.
Со оглед на тоа дека технологијата брзо се менува, а нови модели има сè повеќе и повеќе, потребни се финансии за да се држи чекор со сите новитети на пазарот. Велат дека корисниците на мобилните телефони се делат на оние што се задоволни со обичните, попристапни модели и не ги интересира многу ова поле од техниката, и оние што ги следат сите новости и брзо ги менуваат мобилните телефони. Во секој случај, овие првите почесто ги носат телефоните на поправки. Тие веруваат дека некои нешта е подобро да се поправат, а не веднаш да се заменуваат со нови.
Фото: Kultivisise
Приказната за телефонот како статусен симбол не завршува со уредот. Постојат еден куп производи што се купуваат со нив. Секогаш постои уште нешто што може да се докупи. За оние со подлабок џеб, „ајфонот“ не е доволен. Тука се, на пример, луксузните кожени и златни футроли од познати марки, чија цена е неколку илјади долари.
Во 2015 година еден кинески бизнисмен си вгради дијамант во својот телефон и тој не е единствениот што се одлучил за ваков вид украсување на својот уред.
Ако некогаш сте се запрашале зошто кога праќате електронска пошта од својот „ајфон“ или „самсунг“ најдолу пишува „sent from my iPhone” или “sent from my Samsung Galaxy S8“ - тоа е затоа што овие големи светски компании знаат дека на луѓето им е важно статусниот симбол да биде видлив.
Секако, ова не ги намалува сите можности што модерните телефонски апарати ги имаат - од квалитетни камери, до сложени програми. Но, колку функциите на телефоните и нашите вистински потреби влијаат врз изборот при купувањето, а колку нашата желба?
Сигурно на денот на излегувањето на следниот модел на „ајфон“ во светот
повторно ќе има редици пред продавниците. Нетрпеливите купувачи едвај ќе чекаат да го купат својот нов уред. Можеби и ние не сме толку поинакви од нив како што мислиме.