X
 01.03.2024 Наша тема

Македонскиот хемиски тим мака мачи да замине на Олимпијада во Кина - оставен е сам на себе да собира пари за авионски карти

Македонскиот олимписки тим на хемичари мака мачи да замине на Олимпијадата Менделеев во Кина, која ќе се одржи кон крајот на април, затоа што оние најзасегнатите институции, како МОН, немаат слух да ги поддржат талентираните средношколци. Иако лани хемискиот тим ја израдува Македонија со три бронзени медали, годинава повторно е оставен сам да собира пари за превоз.

Освен Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), со која раководи Јован Деспотовски, ниту една релевантна државна институција, општина или компанија не се одѕва на молбата на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија да го организира и менторира учеството на Олимпијадата.

- ТИРЗ ветија дека ќе ги обезбедат средствата што ни недостигаат, а ние еден дел веќе ги обезбедивме. Проблем е тоа што олимпијадата Менделеев се одржува во Кина и патните трошоци се многу високи. Многу од општините и компаниите каде што се обративме воопшто не одговорија или одговорија негативно. Нѐ фати паника и затоа со колегата професор од Прилеп исконтактиравме за да видиме што може општината таму да направи. Се надевам дека ТИРЗ набрзо ќе го реши проблемот. Денес ќе бидат доставени документите и се надевам дека брзо ќе ни одговорат дали ќе ги имаме средствата или не - истакна водачот на тимот, професор д-р Миха Буклески.


Професор д-р Миха Буклески

Секоја година Сојузот, кој е задолжен да ги одбира тимовите за овие настани, наместо да ги подготвува децата за натпреварите и да набавува материјали и хемикалии, се занимава со наоѓање финансии за да може средношколците да учествуваат.

- На што да се насочиме, дали да набавуваме материјали, хемикалии или да трчаме и да молиме, и постојано да бараме спонзорства. Ова го правиме десет години и веќе нѐ фаќа срам кога треба повторно да тропнеме на иста врата по којзнае кој пат и односот е малку лош кај дел од нив каде што се враќаме, така што гледаме секоја година на различно место да побараме. Во најмала рака е понижувачки односот што ние до тој степен молиме за финансии кои се за децата да учествуваат и да ја застапуваат Македонија. А, успеси имаме, децата лани на Олимпијадата по хемија освоија три бронзени медали. Ние секоја година имаме некој успех, но губиме од потенцијалот кој треба да го трошиме за подготовка на учениците - рече Буклески.

Професорот наведе примери како се финансираат научните тимови за олимпијадите во соседните земји и на Балканот и порача дека државата треба да ги обезбеди средствата.

- Во Бугарија имаат фондација која секоја година ги финансира децата за сите натпревари по сите природни науки. Хрватска си ја има нафтената индустрија ИНА, која ги финансира подготовките. Зборуваме и за подготовки каде што менторите внесуваат трошоци поврзани и со нивните хонорари, а ние тука набавуваме сѐ што треба од свој џеб. Во Хрватска хонорар земаат и наставниците, што за нас е непоимливо. Лани имавме можност да одиме во Казахстан на Олимпијада, каде што сѐ е на повисоко ниво, таму имаат агенција за талентирани ученици и се даваат огромни финансии за нивните ученици да работат и да се натпреваруваат, имаат модерна опрема и лаборатории - нешто за што нашите студенти можат да сонуваат – коментира професорот.



Тој треба да носи четири ученици. Експедицијата треба да патува прво за Хонгконг, а потоа до Шенжен ќе патуваат со воз. Авионските карти изнесуваат 1.337 евра по човек, а на тимот му е дополнителен проблем што нема однапред пари за да може да ги набави по пониска цена.

- Треба да патуваме на 19 април, има време, но картите веќе се покачени по 200 евра од човек. Котизација за оваа олимпијада не се плаќа. Оваа е најпрестижната и најтешката и бара посериозни подготовки. До 15 април мора да се знае сѐ за да испратиме информации, патни исправи до организаторот кој ќе нѐ преземе таму - објасни професорот.

Сојузот на хемичари се обидувал да стапи во контакт со МОН неколкупати, а министерот Јетон Шаќири им ветил и средба, но сѐ завршило само на ветување. Успеале да искомуницираат со секторот за средно образование во МОН, од каде што им кажале дека доделувањето средства зависи од Законот за средно образование, кој сѐ уште не е донесен.

- МОН распишува конкурс за награди за учениците кои освојуваат медали и за нивните ментори. Но, како ментори не нѐ признаваат нас од Сојузот на хемичари бидејќи ние сме биле од делот на високо образование. Ги признаат наставниците од средно, кои ја добиваат таа парична награда, а реално ни припаѓа нам. Ние ја имавме предвид таа награда и сакавме тие пари да ги намениме за трошоци поврзани со опрема и хемикалии – додаде Буклески од Сојузот на хемичари, кој е акредитирано здружение од МОН за организирање натпревари на општинско и на државно ниво.

Фото; фејсбук-страница на Сојузот
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема