Македонските граѓани користат од 120 до 150 милиони пластични кеси годишно во кои потоа фрлаат различен отпад. Користењето на вакви кеси кои се посочуваат како едни од загадувачите на животната средина треба да се ограничи од 1 јануари 2021 година кога тие ќе се наплатуваат минимум по 10 денари.
Од Асоцијацијата за управување со посебни текови за отпад сметаат дека ваквата новина е добра бидејќи значително ќе се намали користењето на пластични кеси, а со тоа ќе се влијае на заштитата на животната средина.
- Пластичните кеси генерално во маса не учествуваат многу во вкупната пластика што се пушта на пазарот. Од 120 илјади тони отпад од пакување, пластичните кеси учествуваат со два до три проценти во маса, но како волумен и како видлив загадувач се најприсутни. Во бројки тоа би било од 120 до 150 милиони кеси годишно пуштаат на пазарот македонските граѓани и верувам дека со 10 денари по кеса оваа бројка ќе се намали барем половина уште во првата година по стапување во сила на оваа одредба - истакна на денешната прес-конференција Филип Ивановски, претседател на Асоцијацијата за управување со посебни текови на отпад.
Најзасегнати од оваа новина ќе бидат граѓаните бидејќи тогаш нема да имаат доволно пластични кеси за да го фрлаат отпадот, туку ќе треба тоа да го сторат во посебни кеси во кои ќе се селектира отпадот.
Според податоците на Асоцијацијата, во моментот 95 проценти од домашниот смет граѓаните ги одлагаат во кеси од маркети или од пазар кои ги добиваат бесплатно или за нив плаќаат по денар или два.
Од Асоцијацијата се задоволни од законските решенија што се подготвуваат и очекуваат да бидат донесени пред одржување на предвремените парламентарни избори. Велат дека законските решенија се добри, но она што ќе треба да се стори по нивното донесување е да се подобри имплементацијата со засилување на инспекциските служби.
Во годината што изминува Асоцијацијата има собрано над 35 илјади тони отпад од пакување од вкупно 120 илјади кои се пуштаат во промет, околу илјада и петстотини тони акумулатори од вкупно 2.500 тони, околу 18 тони мали батерии од вкупно 90 тони и околу две илјади тони електронска и електрична опрема од вкупно 18 илјади тони.
Извор: МИА