Мал, но растечки број на деца во САД не примаат некои препорачани вакцини или, пак, воопшто не се вакцинирани. Процентот на деца под двегодишна возраст кои не примиле никаква вакцина бележи четирикратно зголемување во изминатите 17 години, покажуваат податоците на американските служби за здравство.
Генерално гледано, степенот на имунизација останува висок и не се сменил многу на национално ниво. Но, извештаи од Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) за имунизација на деца потенцираат сѐ поголема грижа меѓу здравствените службеници за децата кои не ја добиваат потребната заштита против болести кои можат да се спречат со вакцинација.
Анализите на истражување за имунизацијата направено минатата година покажуваат дека 1,3 отсто од децата родени во САД во 2015 година не примиле ниедна од препорачаните вакцини. Колку за споредба, во 2011 година 0,9 отсто од децата на возраст од 19 до 35 месеци не примиле никаква имунизација. Во 2001 година тој процент бил 0,3.
Според Аманда Кон од ЦДЦ, под претпоставка дека ист процент на деца родени во 2016 година не примиле никаква вакцина, околу 100.000 деца кои сега се помали од две години не се вакцинирани против 14 потенцијално сериозни болести. Иако овој број е само мал дел од проценетите осум милиони деца кои се родиле во САД во изминатите две години и виле вакцинитани, трендот ги загрижува здравствените работници.
-Ова дефинитивно е нешто за што сме загрижени. Знаеме дека има родители кои избираат да не ги вакцинираат нивните деца... можеби има родители кои сакаат, но не можат да ги имунизираат децата - вели таа.
Фото: Pixabay
Некои болести, како малите сипаници, се вратија во САД затоа што некои родители не ги вакцинираат децата. Минатата година Минесота беше погодена од најлошата епидемија на сипаници во последните неколку децении. Таа беше предизвикана од активисти кои се противат на вакцинирањето и кои ширеле погрешни информации за вакцините. Повеќето од 75-те потврдени случаи биле мали невакцинирани сомалиско-американски
деца.