X
 05.11.2022 Култура

Овие три европски земји имаат химна без текст

Иако не ги среќаваме толку често и не би знаеле да ги препознаеме повеќето од нив, химните се одраз на националната гордост и идентитет. Како такви, тие се свират и пеат во свечени пригоди кога на една држава треба да ѝ се оддаде посебна почит со став и однесување.

Сигурно повеќето граѓани на државите низ светот ја знаат сопствената химна напамет.

Но, дали го знаете текстот или барем еден стих од националната химна на Босна и Херцеговина? Ако не знаете, не е чудно. Имено, химната на БиХ е една од ретките европски химни што официјално немаат текст. Додека некои се создадени со комбинирање на различни песни, а некои претрпеле цензура, во неколку земји заклучиле дека најдобро би било химната воопшто да нема текст.

Во Европа има само три такви земји.

Босна и Херцеговина



Националната химна на Босна и Херцеговина се вика „Интермецо“ и е усвоена како химна во 1998 година. Нејзин композитор е Душан Шестиќ од Бања Лука.

Бидејќи во Босна и Херцеговина живеат Бошњаци, Хрвати и Срби, потребна била една химна која ќе ги вклучи сите. Така, „Интермецо“ била прифатена како заедничка композиција, а поддршка за таа одлука даде тогашниот висок претставник во Босна и Херцеговина, Карлос Вестендорп.

Иако во неколку наврати имало иницијативи за додавање текст на босанската химна, тоа сѐ уште не е постигнато, па оваа земја е дел од посебниот клуб со земји чија национална химна е инструментална.

Шпанија



Шпанската национална химна се вика „Марча Реал“ и е композиција која се користела како почесен марш во текот на 18 век. Се изведувала на свечени настани во присуство на кралското семејство и се смета за една од најстарите химни во светот. Не се знае кој е нејзиниот автор, а веста дека ја измислил Фридрих II, кралот на Прусија, на крајот се покажала како шпекулација.

За оваа композиција биле напишани повеќе текстови, па самата химна била користена со текст во неколку наврати и имало неколку верзии. Сепак, било тешко да се најде текст кој ќе обедини земја во која има вечни тензии меѓу Каталонците, Баскијците и остатокот од Шпанија. Во 1978 година, последната верзија одобрена од националистичкиот водач и генерал Франциско Франко била отфрлена, па до ден-денес шпанската химна официјално се изведува без текст.

Сан Марино



И химната на Република Сан Марино е без текст. Се вика „Ино национале“ (во буквален превод: Национална химна) и била компонирана од виолинистот Федерико Консоло. Во 1894 година била прифатена како национална химна.

Иако италијанскиот поет Џосуе Кардучи напишал текст, тој официјално не се изведува на церемонии - само понекогаш во неформални средини или училишта. Оваа песна е кратка и се состои од само четири строфи. Не е тешко да се запамети или пее, но Сан Марино реши да биде дел од инструменталниот клуб.

Извор: 24sedam.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура