Леонард Коен, човекот одговорен за некои од најубавите стихови за љубовта што овој свет некогаш ги слушнал, имал редок талент - од обични зборови да создаде магија што ги спојува луѓето низ светот, преминувајќи ги сите јазични, географски и религиски бариери, допирајќи го срцето на секој човек.
Баш таква песна е и „Dance me to the end of love“, химната на љубовта и една од неговите најпознати песни. Но, мал број луѓе знаат дека пејачот ја добил инспирацијата за прекрасните стихови од најголемиот ужас во историјата.
„Dance me to your beauty with a burning violin
Dance me through the panic 'til I'm gathered safely in
Lift me like an olive branch and be my homeward dove
Dance me to the end of love“.
Замислете само колку парови го играле првиот танц на свадбата токму со нежните зборови и гласот на Леонард Коен. „Dance me to the end of love“ првпат била објавена во 1984 година на албумот на Коен - „Various Positions“ и веднаш станала светски хит што и ден-денес се слуша. Мелодијата ја следи типичниот грчки фолк-танц хасапико, што и не чуди со оглед на тоа што Коен голем дел од животот го врзувал за грчкиот остров Хидра - тука ја запознал Норвежанката Мериен, жената која ја сакал до крајот на својот живот, иако не биле заедно.
Голем број од неговите најнежни песни се инспирирани баш од таа жена, па така долго време се верувало дека оваа химна на љубовта ѝ е посветена нејзе. Но, Коен во интервју од 1995 година за радио Си-би-си открива дека инспирацијата дошла од многу помрачно место. Оваа песна, всушност, низ љубовните стихови зборува за страдањето и за смртта.
- Интересно е како потеклото на секоја песна води до зрнце што некој или светот ви го дал и тоа е она што процесот на пишувањето песни го прави мистичен. Но, оваа песна настана откако слушнав, прочитав или дознав дека во логорите на смртта, гудачките квартети биле принудени да свират покрај крематориумите. Свиреле додека се одвивал хорор, а судбината на овие луѓе била исто така хорор. Свиреле класична музика додека затворениците биле убивани и палени. Стихот: „Танцувај со мене до твојата убавина, со виолина што гори“, зборува за убавината на постоењето и неговиот крај - раскажува пејачот.
Коен бил роден и пораснал во угледно еврејско семејство и бил доста религиозен, што се одразувало и во неговата музика и на настапите. Но, неговата порака никогаш не била очигледна, секогаш низ стиховите што ги пеел испраќал многу подлабока и посилна порака - токму тоа е случајот и со оваа песна.
Интересно е и тоа што „
Dance me to the end of love“ е име и на уметничкото дело на шкотскиот сликар Џек Ветриано, на кое се наоѓа романтична двојка што танцува на свадба. Сликата била инспирирана токму од песната на Коен, но се чини дека и на уметникот му „избегало“ вистинското значење на зборовите на Коен.