X
 05.11.2024 Живот

Не е фотошопирано - езерото Сорапис навистина изгледа вака

Поради својата посебна тиркизна боја, езерото Сорапис остава впечаток на нереална убавина. Се наоѓа на речиси 2.000 метри надморска височина во италијанските Доломити, а патот до него, кој вклучува пешачење низ алпски ливади, густи шуми и стрмни карпи, воопшто не е лесен. Се смета за едно од најубавите природни чуда во регионот Венето, а често и едно од најубавите езера во светот.

Езерото Сорапис е опкружено со високи карпи и планински врвови кои го носат истото име, што дополнително ја зголемува неговата убавина и чувството на нереалност. Тиркизните нијанси на водата се менуваат во зависност од временските услови и годишните времиња, а нивната посебна боја е резултат на минералните честички од глацијалната вода што се влева во езерото.

Како што сончевата светлина го менува интензитетот во текот на денот, така боите на езерото се менуваат од смарагдно-зелена до светлотиркизни тонови, создавајќи неверојатна убавина. Како и многу други природни убавини, и ова езеро е поврзано со легенда, која вели дека езерото го добило името по кралот Сорапис, кој се претворил во планина за да ги заштити своите поданици.


Неговите солзи, според легендата, ја исполниле длабочината која сега е дом на ова езеро, создавајќи природен споменик на вечен мир и тишина. Мистичните облаци кои се протегаат над планинските врвови, нереалната убавина и прекрасната боја на езерото предизвикуваат чувство на мир.

За да се дојде до езерото Сорапис, потребно е да се помине патека малку подолга од десет километри, што трае околу два часа. Иако патот до езерото знае да биде заморен, кога ќе стигнете таму, навистина вреди да се прошета низ планинската патека бидејќи езерото Сорапис ќе ве остави без здив.

Важно е да се подготвите соодветно за оваа екскурзија. Се препорачува носење соодветна облека, особено цврсти обувки како планинарски чизми, бидејќи некои делови од патеката се стрмни и лизгави, особено наесен кога врнежите стануваат почести. Водоотпорната облека и обувките се неопходни додатоци за да се избегнат непријатности за време на патувањето.

Кампувањето околу езерото е забрането, како и капењето. Со оглед на тоа што ова езеро станува сè попопуларна дестинација, забележливо е зголемено загадување на животната средина, особено со отпадоци. Надлежните органи и локалното население активно работат на регулирање на посетите со цел да се зачува природниот мир и екосистем, овозможувајќи и натаму да продолжи да се заштитува овој скапоцен камен на Доломитите.

Извор: index.hr

Фото: Facebook

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот