На прв поглед Монтевијаско изгледа како едно од многуте селца расфрлани низ Алпите. Но, ако подобро го погледнете на мапата, ќе видите дека наликува на остров среде шума.
Наскоро ќе помине и четвртата година од денот кој им ги промени животите на жителите на ова прекрасно село, кое се наоѓа на северот на Италија, во Ломбардија. Тогаш трагично го загуби животот Силвано Делеа, задолжен за работата на жичницата што го поврзувала селото со цивилизацијата.
Оттогаш жителите чекаат решение од властите, но тоа сè уште не пристигнало во ова мирно алпско место каде што живеат помалку од десет луѓе.
На прв поглед Монтевијаско изгледа како едно од многуте селца расфрлани низ Алпите. Но, ако подобро го погледнете на мапата, ќе видите дека наликува на остров среде шума. Нема улици или железница која води до Монтевијаско. Има само кривулеста патека од 1.442 камени скали која се спушта од планината.
Иако во 50-тите години во селото живееле 450 луѓе, денес преостанатите жители може да се избројат на прсти. Порано локалните жители го сметале животот без улици нормален, пешачеле по малото патче до околните села и така оделе на работа, на училиште и до продавница. Дури во 1988 година била изградена жичницата која им овозможила на жителите и на туристите да стигнат до селото за неколку минути наместо да пешачат еден час.
Бидејќи денес во Монтевијаско нема продавници, полицијата ги снабдува луѓето со основни прехранбени производи. Трипати неделно мала група полицајци шетаат натоварени со ранци во кои има храна, лекови и пошта.
Единствениот ресторан во селото „Вечио Сирколо“ и понатаму работи, но го посетуваат луѓе на кои не им пречи да пешачат околу еден час за да уживаат во локалните специјалитети.
Кога би се вратила жичницата, сигурно би имало повеќе гости, но уште поважно е тоа што Монтевијаско не би било изолирано од светот.
Фото: Screenshot/YouTube