X
 10.02.2019 Образование

Што е најважно во образованието, според најдобриот наставник на светот

Андрија Зафираку е победник на натпреварот „Глобална награда за наставник“ за 2018 година. Целта на овој натпревар е да ја препознае важноста на одличните наставници. Зафираку ја доби наградата не само поради страстa и посветеностa во нејзиното поле на работа, туку и поради огромните напори што ги вложува во создавањето инклузивна и кохезивна училница.

Во последните 12 години таа предава уметност и текстил во училиштето „Алпертон“. Освен што е форма на уметничко изразување, Зафираку верува дека уметноста е од фундаментално значење за развојот на децата - па дури и може да го промени животот.

- Учениците што не зборуваат англиски не можат да напишат есеј, не можат да учат некоја друга наставна програма, но во уметноста, сѐ што барате од нив е да цртаат и да истражуваат материјали. Тие се слободни да се изразат себеси; секој има приказна за раскажување, а преку уметноста се зголемува нивната самодоверба и им овозможува да ги пронајдат и раскажуваат тие приказни - вели таа.

1
Фото: Reuters/Jason Lee


Еден од најочигледните примери на моќта на уметноста што го менува животот е влијанието што го има врз учениците со посебни образовни потребни.

- Овие деца не можат да постигнат напредок со иста стапка и ист стандард како и другите ученици во нивната група. Но, во уметноста тие добиваат повеќе време и можат да учат според нивното темпо. Така тие создаваат работа на која се гордеат.

- Не постојат точни или погрешни одговори во уметноста, така што учениците постојано се враќаат и ја запазуваат нивната работа. Би можела да ви раскажувам бескрајни приказни за трансформативниот ефект што го има. Кога чувствуваат дека се добри во уметноста, тие добиваат доверба што им помага да се вклучат и во другите лекции. Уметноста е катализатор што го вклучува нивното учење. Работата во образованието треба да биде инклузивна. Не треба да постојат пречки што ќе ги спречат децата да имаат пристап до висококвалитетно образование - вели таа.
Според неа, учениците добиваат одлични вештини и знаења за вработување. Тие стануваат способни да идентификуваат кои се, што ги возбудува, што ги предизвикува и како можат да остават белег во општеството.

- Некои земји и лидери и понатаму не ја разбираат важноста на креативните уметности, а тоа е навистина загрижувачки факт. Живееме во возбудливо време - што ќе може да постигне наредната генерација со новата технологија? Но, исто така, се раѓаат многу проблеми. Децата треба да бидат генерација што ќе ги решава проблемите, а доколку не ги научиме на вештини за решавање проблеми што ќе произлегуваат од креативни теми, тие нема да можат да се снајдат во светот - вели таа.

Според Зафираку, владите се внимателни во врска со уметноста бидејќи, за разлика од математиката или науката, постигнувањето е тешко да се измери. Дури и ПИСА, тест што ги мери способностите во математика, читање и наука кај учениците, ја признава важноста од развивањето на нивната креативност. До 2021 година креативното размислување ќе биде иновативен домен за оценување на нивното тестирање.

Предавањето не завршува со ѕвонењето на ѕвончето

- Не мислам дека постои разлика помеѓу мене и друг наставник. Ова е одлична професија, но тешка. Никој не брои колку часа вложуваш во твојот училиштен ден и како се справуваш со емотивниот дел кога му помагаш на детето, особено кога има сложени проблеми. За мене, секое дете е важно. Децата не се роботи, тие имаат различни потреби во учењето што треба да се исполнат. Предавањето никогаш не треба да заврши со ѕвонењето на ѕвончето - ние сме одговорни за благосостојбата и развојот на детето како поединец, а не само за успехот во училиште - вели таа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование