Семафорите помагаат за одржување на редот така што сигнализираат кога е време за запирање, забавување или продолжување на движењето.
Семафорите потекнуваат од железничкиот систем од почетокот на 19 век. На машиновозачите им бил потребен знак да знаат кога да ги запрат локомотивите и кога да ги забават.
Црвената боја е избрана за запирање затоа што повеќето луѓе ја поврзуваат со нешто потенцијално опасно или сериозно. Што е уште поважно, црвената боја има најдолга бранова должина во спектарот на бои и може да се види од голема оддалеченост, што на машиновозачите им овозможува порано да почнат да кочат.
Белата светлина била користена за дозвола дека возот може да тргне, а зелената посочувала на внимателност.
Поради тоа што двете ламби имале обоен филтер, доаѓало до збрка ако една од леќите паднела, откривајќи бела светлина. На пример, ако е оштетен црвениот филтер, машиновозачот би видел бела светлина и би помислил дека е безбедно да тргне, а всушност не било.
За да се избегне овој проблем, белата боја била елиминирана и била додадена жолтата, која посочува на внимателност, а зелената означувала дека е безбедно да се тргне.
Првиот семафор е поставен во Лондон во 1868 година. Всушност, тоа бил систем на гасни ламби, па за кратко време експлодирал.
Кога во 1913 година бил претставен „модел Т“ на „Форд“, на патиштата имало повеќе од 4.000 жртви, што главно било последица на судирите на раскрсниците.
Системот на семафори во сообраќајот надвор од железниците на почетокот не користел жолта боја, а пишталка означувала дека ќе се промени светлото за возачите да знаат дека наскоро ќе може да се тргне.
Дури во 1920 година полицаец од Детроит со име Вилијам Потс предложил систем во три бои - црвена, жолта и
зелена.
Бидејќи не се користеле секаде истите бои, во САД со закон од 1935 година биле пропишани црвената, жолтата и зелената како задолжителни.