X
 06.01.2022 Наша тема

Интервју со писателката Емилија Златкова-Анастасова: Чуда постојат, но зависи од нас дали ќе се случат

Не е модерно човек да се занимава со книжевност или уметност. Но, затоа сите ние, автори, издавачи, па и активни читатели треба да имаме мисија, цел, да ги промениме нештата на подобро, да не дозволиме работите да се движат во уште понегативна насока, вели Емилија

Писателката Емилија Златкова-Анастасова успеа среде пандемија да издаде дури шест дела, односно доживеа творечка експлозија во последните две години, две децении по објавувањето на романот за деца и млади „Волшебното синџирче“ во 2000 година.
Таа привлече големо внимание со своето дело „Детето во снегот“, објавено лани, и со кое преку личното искуство ја прикажа борбата на родителите кои имаат деца со аутизам, односно „го разгази снегот онаму каде што беше непроодно“.
Деновиве работи на „костурот“ на третата книга, која ќе биде продолжение на романите „Близнаци“ и „Каде е Емили“.
Емилија, родум од Кочани (1982 година), завршила македонска книжевност и македонски јазик на факултетот „Блаже Конески“ во Скопје, а моментално живее и твори во Велес.

Кога ги направивте првите книжевни чекори?

- Со книжевноста сум другар уште од најмлада возраст, а тоа го потврдува и објавувањето на мојата прва книга „Волшебното синџирче“ во средношколските години, но напишана многу порано.

Што е тоа што Ви вели што да пишувате, од каде ја црпите инспирацијата?

- Интересно е како сте го формулирале прашањето. Токму така, инспирацијата е како еден глас во мене која ги создава моите книги. Верувам дека пишувањето ми е дадено како дар од Бога што е изградуван со текот на годините, со образование и многу работа. Многу пати, сум читала и други автори, рекле дека некоја виша сила, нешто натприродно ги поттикнува да пишуваат, а јас верувам дека тоа е токму Бог, кој по својата суштина е Креативност и Творец, па нѐ создал и нас луѓето на образ негов да бидеме креативни и да твориме. Човек само треба да погледне околу себе и да биде инспириран да пишува.



Вашата прва книга „Волшебното синџирче“ е објавена во 2000, а три години подоцна збирката „Нов ден, нова песна“, доста подоцна, и тоа за време на пандемија, објавивте шест дела. Зошто пауза од 17 години?

- Големата пауза се должеше на неколку причини, меѓу другото, тоа што романот „Близнаци“ го имав напишано уште пред 17 години и се обидов да го објавам во неколку издавачки куќи, кои првично ќе дадеа збор дека ќе го објават, но никогаш не беше објавен. Морам да признам дека тоа ме разочара и немав желба повеќе да се обидувам да го објавам тој роман или некој друг.

Работите во разни литературни родови, проза, поезија, драми, раскази, романи. Сакате да експериментирате или сѐ уште се барате себеси?

- Јас сум личност која сака да експериментира, па затоа сакав да се обидам во сите родови. Драми пишував неколку години и од практични причини, така да речам, зашто долг период се занимавам и со аматерски театар, имам своја аматерска група (од жени актери) со која организиравме татарски претстави, но секогаш на некоја специфична тема, па бидејќи немав драмски текст на располагање на специфичните теми, морав да го создадам. Но, дефинитивно продолжувам да експериментирам, па сега се на ред различните жанрови.

На промоција на трилерот „Неверство“, промоторката Ана Ѓуровска рече дека вербата и верноста на човекот се основни постулати во секое од Вашите дела. Можеме ли да се потпреме на човековата верност денес?

- „Неверство“ ја почнувам токму вака: „Никогаш не потпирај се на човек и на дрво. На дрво не потпирај се зашто кога е младо, е цврсто и може да се потпреш и да те издржи, но тоа старее и гние, па некогаш може да се скрши и да паднеш. А на човек не потпирај се зашто човекот се менува и заборава, а и ограничен е, па може да паднеш ако се потпреш и на човек.“
Знаете, ние сите бараме верност. Но, јас имам една поговорка врз која го градам мојот живот: „Правете им го на другите тоа што сакате да ви го прават.“ Така што, јас сакам да им бидам верна на другите. Ако сите даваме верност, а не бараме верност, мислам дека и повеќе ќе можеме да се потпреме на човечката верност.


„Каде е Емили?“ е продолжение на роман напишан пред дваесетина години. Што претставува тој и ќе има ли и трилогија?


- Кога почнав да го пишувам романот „Близнаци“, не го замислував како ваков, но со текот на годините тој претрпе промени, а се појави и потреба да има продолжение. Прво, романот многу брзо беше прифатен од читателите и почнаа да ми се јавуваат со коментари, некои бараа продолжение, други укажуваа на некои недоречености за кои бараа повеќе информации... Тогаш си реков, зошто да не им дадам уште на читателите? Зошто да не продолжи? Така и јас ќе се изградам во формирањето на карактерите на ликовите, а и читателите ја сакаат приказната, па ќе ја читаат. И да, решив да биде трилогија. Деновиве работам токму на „костурот“ на приказната од третата книга. Се надевам дека во текот на 2022 година ќе успеам да ја завршам.


Вие сте мајка на три деца и успешна писателка. Колку е тешко една мајка да се реализира како професионалец во нашето општество?

- Дефинитивно е тешко, јас сум од оние жени, веројатно, потврдокорни (да не речам потврдоглави) која се сопнува на пречките и паѓа, ама пак станува и продолжува напред. Дефинитивно, многу пати сум посакала едноставно да не се борам, да се откажам, но нешто или некој поголем ми дава сила и поттик. И нормално, потребно е многу работа, жртви, непроспиени ноќи и поддршка од најблиските.

„Детето во снегот“ е Вашата најинтимна книга посветена на Вашиот син со аутизам. Таа открива многу и испраќа силни пораки. Што сакавте да откриете за себе или за другите родители на деца со аутизам и дали ја испративте пораката што ја сакавте?

- Со оваа книга само сакам луѓето повеќе да ги запознаат децата со аутизам и да разберат низ што сè минуваат родителите на децата со аутизам. Многу малку се знае, многу малку се зборува за аутизмот, а децата се гледаат како чудни, како нешто што треба да се избегнува... Луѓето не знаат како да се однесуваат со децата со аутизам, па и со нивните родители. Јас сакав аутизмот да им го претставам поблиску, нешто што никој од нас доброволно не го одбрал, за да биде осуден, нешто што не е заразно за да се избегнува, нешто што не е опасно, па да се отфрли, но да се прифатат и да им се покаже љубов, зашто „Чуда постојат, но зависи од нас дали ќе се случат. А дали и ние ќе бидеме поттикнувачи на чуда, зависи од нас.“

Отворивте издавачка куќа и успеавте да објавите неколку книги за нецела година. Како е да се биде на другата страна и зошто се одлучивте на ова?

Првата книга од Издавачката куќа ЗБОР излезе во август, постои практично шест месеци, објавивме седум книги – четири од македонски автори и три преведени од англиски. Да се занимавам со издаваштво ми беше една од моите најголеми желби, но сепак не замислував дека сега ќе се реализира сето тоа. Желбата за тоа сè повеќе растеше бидејќи, како што реков и погоре, јас седумнаесет години не објавив книга зашто е прилично тешко да објави македонски автор, особено ако си млад и непознат, а последниве години многу луѓе ми пишале: „Кажи ми како да објавам книга?“ Па сакав да можам повеќе од тоа само да им кажам „како“, туку и да им помогнам во тоа. Тоа е едната причина. А другата е што постојат многу книги, многу добри книги кои јас сакам да бидат преведени на македонски.



Во дигитална доба и време на некултура, каде е литературата кај нас, може ли општеството да ги вреднува делата како порано?

- Живееме во едно време на измешани вредности – каде што работите кои треба да имаат приоритетни вредности, за жал, се занемарени. Еве пример: пушти телевизија, приоритет е политика. Никогаш, во последно, не видов информација за промоција на книга, за некој книжевен настан за нешто поврзано со културата. Не е модерно човек да се занимава со книжевност или уметност. Но, затоа сите ние, автори, издавачи, па и активни читатели треба да имаме мисија, цел, да ги промениме нештата на подобро, да не дозволиме работите да се движат во уште понегативна насока. Јас сум оптимист, верувам, заедно можеме.

Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема