X
 06.02.2019 Култура

Книжевна награда за книга напишана преку „Вацап“

Бехроуз Бучани е 35-годишен припадник на Курдите кој пред пет години се нашол на австралискиот остров Манус во азилантски центар по повеќе обиди да емигрира од Иран во Австралија. Таму е задржан во август 2013 година и оттогаш се обидува да го пронајде својот нов дом далеку од војната. Со оглед на тоа дека по професија е новинар, а се занимавал и со борба за човекови права и со пишување поезија, тој почнал да пишува додека бил во притвор.

Во страв дека чуварите би можеле да му го запленат мобилниот и сè што напишал во него, тој почнал на својот преведувач преку „Вацап“ да му ги праќа текстовите кои подоцна биле прошверцувани од островот. Така, во текот на речиси пет години настанала автобиографската книга „Немам друг пријател освен планините: Пишувајќи од затворот на Манус“, која беше објавена минатата година. Во книгата се зборува за животот во притвор, отуѓувањето и дехуманизацијата на затворениците, тортурата и методите што доведувале до очај.

За ова книжевно дело напишано преку „Вацап“, Бучани ја доби овогодишната Викторијанска награда за книжевност, највисокото признание од тој вид во Австралија. Првпат некој добива значајна книжевна награда за пишување преку апликација - секако, не затоа што своеволно го избрал тој начин на истражување, туку затоа што тоа му бил единствениот начин од притвор да ги испрати своите пораки до светот.

Бучани за наградата се заблагодари преку видеоповик и сè уште останува во егзил на Манус, чекајќи да види каква ќе му биде состојбата понатаму.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура