Зафатени со работа и други обврски, некои луѓе го концентрираат умереното до енергично вежбање во еден или два дена од неделата или викендот. Студија предводена од истражувачите од Општата болница во Масачусетс открива дека овој модел на вежбање, т.н. викендашки воин, е поврзан со помал ризик од развој на 264 болести и е исто толку ефикасен во намалувањето на ризикот колку и порамномерно распоредената активност на вежбање.
- Познато е дека физичката активност го намалува ризикот од многу болести. Овде ги покажуваме потенцијалните придобивки од вежбањето во викенд - и тоа не само намалување на ризикот од кардиоваскуларни болести, туку и од идни болести кои го опфаќаат целиот спектар, почнувајќи од состојби како хронична бубрежна болест до нарушувања на расположението и пошироко - истакнува Шан Куршид, доктор на науки, член во Центарот за срцеви аритмии во Масачусетс.
Се препорачуваат најмалку 150 минути умерена до енергична физичка активност неделно за целокупното здравје. Меѓутоа, прашањето е дали оние што вежбаат по 20-30 минути повеќе денови во неделата имаат поголеми придобивки од оние што имаат 5 или 6 дена пауза помеѓу подолгите сесии на вежбање?
Куршид и неговите колеги анализирале информации за 89.573 лица од податоците на „Биобанк“ од Велика Британија, кои носеле акцелерометри на рачниот зглоб што ја бележеле нивната вкупна физичка активност и времето поминато на различни интензитети на вежбање во текот на една недела. Моделите на физичка активност на учесниците биле категоризирани како „викендашки воини“, редовни или неактивни, користејќи го прагот заснован на упатства од практикување 150 минути неделно умерена до енергична физичка активност.
Тимот потоа барал асоцијации помеѓу моделите на физичка активност и инциденцијата на 678 состојби во 16 типа болести, вклучувајќи ги менталното здравје, дигестивните, невролошките и други категории болести.
Анализите откриле дека моделите на тренингот „викендашки воин“ и редовните физички активности се поврзани со значително помал ризик од појава на над 200 болести во споредба со неактивноста.
Резултатите покажуваат дека физичката активност е многу корисна за намалување на ризикот од идни болести, особено кардиолошки состојби.
Извор: medicalxpress.com
Фото: Freepik