Истражувачи од францускиот Национален институт за здравје и медицински истражувања во Бордо израснаа конци од клетки од човечка кожа, кои ги нарекуваат „човечки текстил“, и велат дека можат да се користат од страна на хирурзите за затворање рани или за трансплантација на кожа.
- Овој човечки текстил нуди уникатно ниво на биокомпатибилност и претставува нова генерација на целосно биолошки производи проектирани како ткива - истакнаа истражувачите во трудот објавен во списанието „Акта биоматеријалија“.
Клучната предност на морничавиот конец е тоа што за разлика од вообичаените синтетички хируршки материјали, тој не предизвикува имунолошки одговор кој може да го искомплицира процесот на заздравување.
За да го создадат, истражувачите сечат делови од клетки од човечка кожа во форма на долги ленти и потоа ги „ткаат“ во материјал во форма на конец, кој може да се направи во разни форми.
Фото: Science Alert
- Можеме да шиеме торбички, да правиме тунелчиња, залистоци и перфорирани мембрани. Со конецот секој текстилен приод е изводлив: плетење, ткаење, па дури и хеклање - истакна водечкиот истражувач Николас Лоро.
Досега
истражувачите го користеа специјалниот конец за да затворат рани на глушец и да му помогнат целосно да заздрави за две недели. Тие дури и создале кожен имплант, користејќи разбој за да затворат артерија на овца и да го сопрат течењето.
Оваа работа се базира на претходно истражување направено од истиот тим, кој направи биоматеријал и го свитка во вештачки крвни садови.