Европската вселенска агенција и „Ејрбас“ развија и испратија до Меѓународната вселенска станица 3Д-печатач способен да произведува метални предмети во услови на микрогравитација.
Станува збор за напреден 3Д-печатач за метал, а со него се продолжува тестирањето на технологијата за производство на производи во вселенски услови, односно микрогравитација во Земјината орбита, нешто што беше започнато пред 10 години.
Комплексно печатење на метал
3Д-печатењето на метал претставува многу поголем технички предизвик бидејќи бара повисоки температури и ласер кој ги спојува слоевите на метал на работната површина. Ова е причината што овој печатач мора да има и дополнителни методи за заштита на екипажот и другата опрема на Меѓународната вселенска станица. Исто така, мораше да биде прилично добро направен бидејќи опциите за поправка во орбитата се доста ограничени.
Фото: Airbus
Печатачот, кој тежи 180 килограми, ќе биде инсталиран во европскиот модул „Колумбус“. Наместо астронаутите, кои ќе бидат задолжени само за неговото инсталирање, работата на печатачот ќе биде контролирана од Земјата. Ќе се печатат тест-парчиња од специјален хируршки челик, цврсти и отпорни на корозија. Најголемото парче што може да го произведе овој печатач е долго 9 сантиметри и има дијаметар од 5 сантиметри.
Сето ова ќе се случува во целосно затворен контејнер, одвоен од атмосферата богата со кислород на Меѓународната вселенска станица и исполнет со интерен азот, така што процесот на печатење е побезбеден, а финалниот производ е направен без оксидација. Она што ќе се печати е веќе избрано - тоа ќе бидат четири референтни предмети кои ќе го покажуваат квалитетот на печатењето во орбитата.
Работата на печатачот ќе биде ограничена на четири часа дневно, поради силниот звук што го произведува. По печатењето, членовите на екипажот ќе ги отстранат готовите производи од печатачот и ќе ги испратат назад на Земјата за анализа.
Фото: Аirbus
- Овој печатач ќе донесе нови производствени способности во орбитата, вклучувајќи ја и можноста за производство на структурни делови што се носат, а кои се посилни од нивниот пластичен еквивалент. Флексибилноста и брзата достапност на 3Д-печатењето во голема мера ќе ја подобрат автономијата на астронаутите - велат од „Ејрбас“ и изразуваат надеж дека оваа технологија ќе одговори на некои предизвици на вселенското патување до Месечината и до Марс.
Извор:
Bug.hr
Фото: Airbus