Вселената мириса на автомобилски трки – тоа е комбинација на врел метал, гасови од согорување на дизел-гориво и чад од скара, а изворот на таквата специфична миризба се ѕвездите што изумираат, тврдат научниците.
Нуспроизвод од гасењето на ѕвездите е спој од
непријатни миризби – полициклични ароматични јаглеводороди.
„Овие молекули се распрскани низ целата вселена“, истакнува Луис Аламандола, основач и директор на Лабораторијата за астрофизика и астрохемија во истражувачкиот центар на НАСА – „Амес“.
Весникот „Популарна наука“ наведува дека тие јаглеводороди се сметаат и како можна основа за најраните облици на живот на Земјата.
Полицикличните ароматични јаглеводороди можат да се најдат во јагленот, нафтата, па дури и во храната.
Иако луѓето не можат да ја вдишат вселената за да го почувствуваат нејзиниот мирис (се работи за вакуум), кога астронаутите излегуваат од Меѓународната вселенска станица на „прошетка“, овие честички паѓаат на нивната облека и се задржуваат. И самите астронаути по вселенските „излети“ пријавуваат миризба на прегорена и препржена шницла.
Мирисот на вселената е толку изразен, што пред три години НАСА побарала од Стивен Пирс, хемичар од компанијата што се занимава со производство на мириси „Омега ингредиенц“, да обезбеди мирис за тренажна стимулација на астронаутите.
„Неодамна создадовме мирис на Месечината, а астронаутите го споредија со мирис на барут“, наведува Пирс.
Научниците тврдат дека Сончевиот Систем е особено ароматичен затоа што е полн со јаглерод, а има малку кислород.
Токму како и автомобилите, ако нема доволно кислород, почнува да се појавува чад и се чувствува непријатен мирис.
Ѕвездите богати со кислород имаат арома која потсетува на скара на ќумур, додека надвор од Млечниот Пат мирисите можат да бидат навистина интересни, наведуваат научниците.
Во темните делови од вселената молекуларните облаци полни со честички од ситна прашина имаат цела палета на мириси – од сладок шеќер до смрдеа на расипани јајца.