X
 06.03.2019 Наша тема

Христина Србиноска е директор за иновации во германската „Цајс“! Со тимот работи и на решенија што ќе се појават за 10 години

Низ нејзините раце и на тимот што го води поминуваат многу иновации кои им го олеснуваат животот на пациентите. Живее во Берлин, а секој слободен миг го користи за да ги посети семејството и пријателите во Македонија

Откако добро се потковала со теоретско знаење во Македонија, сфатила дека вистинско образование за нејзината најголема љубов - биомедицинскиот инженеринг - може да добие само на американските универзитети. Да заминеш сам, толку далеку од дома веднаш по завршувањето на средното училиште, бара храброст и голема посветеност. Но, не за џабе се рекло: „Среќата ги следи храбрите“. Триесет и тригодишната Христина Србиноска, скопјанка по потекло од Тетово, сега во Германија работи како директор за иновации во „Цајс“ (ZEISS), една од водечките светски компании за иновации и развој на медицински помагала. Низ нејзините раце и на тимот што го води поминуваат многу иновации кои им го олеснуваат животот на пациентите. Живее во Берлин, а секој слободен миг го користи за да ги посети семејството и пријателите во Македонија.


Христина Србиноска

Студии во САД и во Германија

Средно училиште завршила во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“. Вели дека ги памети како динамични денови, исполнети со многу убави сеќавања.
- Имавме високо интелигентни и строги професори кои навистина нè научија не само стручни, туку и животни лекции. Сметам дека тоа што понекогаш недостигаше е педагошкиот аспект. Тинејџерските години се проследени со трансформации кои со себе носат многу несигурности и емоции и понекогаш недостигаа отворен разговор и емпатија - вели Србиноска.
По завршувањето на средното училиште решила да замине во САД. Таа одлука ја донела бидејќи во тоа време биомедицинскиот инженеринг како сосема нова насока го имало на факултетите во САД. Прво студирала на Универзитетот во Централна Оклахома (UCO), а потоа и на Политехничкиот универзитет во Ворчестер (WPI), насока биомедицински инженеринг.

- Прво се запишав на UCO бидејќи познавав неколку луѓе од Македонија што студираа во Оклахома и не сакав да бидам на место каде што не познавам никого. Меѓутоа, брзо сфатив дека овој факултет не е за мене бидејќи им бев тутор на многу колеги. Материјата беше повторување на тоа што веќе го имав научено во средно и решив да се префрлам на универзитет каде што ќе научам нешто ново. Аплицирав на најдобрите универзитети за биомедицински инженеринг во САД и набрзо ми стигна покана од WPI. Затоа и се префрлив таму. За разлика од претходниот факултет, на WPI имавме многу интензивна програма. Немаше семестри, туку квартали кои траеја само 3 месеци и во секој квартал имавме по 4 предмети. Сите испити беа во последната недела кога повеќето од нас спиеја по само три часа. Причина за ова беше тоа што бевме вклучени во многу проекти со фирми, 50 проценти од времето го поминувавме со експериментирање во најмодерно опремени лаборатории. За учење на теоријата имавме време само последната недела, пред испит. Овој начин на студирање е многу напорен, меѓутоа, ме подготви за практична работа во реалниот живот - раскажува Србиноска.


Генерираат и евалуираат идеи во полето на оптиката, поточно на интраокуларни леќи

За мастер-студии се одлучила да се врати во Европа, конкретно на TU Berlin i Julius Wolff Institut, Charité. Сакала да биде поблиску до корените, но добила и одлична можност за усовршување на научно поле.
- Мастерс продолжив исто така на биомедицински инженеринг, меѓутоа, не на кардиоваскуларни системи, туку на ортопедија. Поконкретно се занимавав со истражување на механиката на 'рбетот и како тоа може да се имплементира во дизајн и фабрикација на импланти, мебел итн. За разлика од WPI, на TU Berlin i Charité бевме повеќе насочени кон научни истражувања откoлку на инженерска работа и кооперација со фирми. Беше многу полабаво во споредба со WPI.

Со тимот генерираат и евалуираат идеи во полето на оптиката

По завршувањето на мастер-студиите таа се вработила во компанијата „Somatex Medical Technologies GmbH“. Сакала да основа свој стартап, меѓутоа, сметала дека ѝ недостига искуство и затоа одлучила прво да работи во мала фирма каде што ќе може да го надгради своето знаење.
- За менаџер за иновации ви треба техничко знаење, меѓутоа, исто така и познавање од областа на маркетинг и бизнис-менаџмент. „Соматекс“ се занимаваше со производство на медицински импланти за онколошки и гинеколошки потреби и како менаџер за иновации бев одговорна за генерирање идеи, нивно техничко евалуирање, спремање бизнис-модели, организирање на потребниот буџет, како и за соработката со други компании и научни установи - раскажува таа.

Во моментов работи во „Цајс“ (ZEISS), една од водечките светски компании за иновации и развој на медицински помагала, како директор за иновации.
- Сега сум одговорна за тим од 7 луѓе кои генерираат и евалуираат идеи во полето на оптиката, поточно на интраокуларни леќи. Тие се имплантираат откако ќе се отстрани природната леќа поради појава на перде, како и апликатори за истите, како и други импланти за око. Исто така, дел сум од тимот на Цајс Медитек, одговорен за инвестиции или аквизи на стартапи.

Нејзината работа е тесно поврзана со работата на хирурзите. Без овие иновации тие практично не можат да работат. Ја прашавме Христина како се одвива всушност процесот на создавање одредена иновација?
- Процесот е различен, зависно од целта. Додека една мала фирма се фокусира на иновации за еден пазар, една голема фирма бара решенија на глобално ниво. Меѓутоа, тоа што е заедничко за двете е што секоја иновација треба да реши некаков проблем. Зад секоја добра иновација постои потреба (need). За мене, сѐ почнува со откривање на некој нерешен проблем. Многу често клиентите ни се обраќаат со решенија, меѓутоа, тие не се инженери и ако направите чекор напред наместо да се вратите чекор назад и да испитате за какви неисполнети потреби станува збор, ќе завршите со производ кој е решение само за еден клиент.

Има неограничено многу методи, меѓутоа, омилена ми е методата „design thinking“ бидејќи почнува со опсервација на повеќе клиенти во клинички услови и е агилен и интерактивен начин на стигнување до целта. Околу 50 отсто од времето работиме на брзи решенија на некој видлив проблем, односно нудиме подобрувања. Останатото време го користиме за дисруптивни технологии кои ќе се појават на пазарот по 5-10 години. За дисруптивни иновации потребен е поинаков пристап. Не само што треба да се разбере клиентот туку и економско-социјалниот развој на целото општество - објаснува Србиноска.



За две години основала свој тим и станала директорка

Ваквите компании, од друга страна, нудат многу големи можности за кариерен развој и остварување на соништата на многу работници. Србиновска вели дека ако сте квалитетен работник, може да се развиете многу брзо. Таа почнала како проект-менаџер и по 2 години основала свој тим.
- Не само што нудат можности за развој на менаџерски позиции туку и имаат програма за експерти која се вика „tehnical expert ladder“, каде што експертите можат да достигнат ист статус и примања како и менаџерите од сите нивоа.
Образованието што го стекнала во САД и во Европа е клучно и за нејзиниот брз кариерен развој во една голема компанија. За жал, нашите образовни институции ретко нудат можност за научна работа на студентите, а и малку се вложува во науката. Србиноска смета дека преку создавање поволни работни услови во области од науката може да се преориентира и образовниот систем во Македонија.

- На пример, прво треба да се создадат услови за основање мали фирми преку инвестиции, кои кога ќе се развијат, ќе спонзорираат истражувања на универзитети и нудат програми и работни места за студенти кои подоцна ќе ги вработуваат како експерти. Повеќето американски и германски фирми, како и младите во овие земји, профитираат од ваквиот систем.

Таа има мошне одговорна работа, која бара добро менаџирање и ослободување од стресот. Вели дека се занимава со многу спортски активности, како болдеринг, возење велосипед, трчање.
- За викенд се релаксираме преку дружби со пријатели и посета на различни настани. Исто така, медитирам секој ден. Доста често сум во Македонија. Пред сѐ, ми недостигаат семејството и пријателите, храната и планините.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема