X
 09.09.2020 Наша тема

Лекции од пандемијата: Годинава го откривме домашниот туризам, догодина да донесеме странци и девизи

Сите сакаме море, но како што пандемијата ни го ускрати тоа годинава, излезе дека убав одмор може да се помине и на планина, со селски туризам или со кампувачки викенди, а тоа пак ни покажа дека сме ги заборавиле туристичките ресурси на Македонија и дека треба да ги засукаме ракавите и да вложуваме и во другите видови туризам. Не само поради пандемијата што нè снајде, туку и поради економијата, државата и здравјето, велат експертите со кои разговаравме

Летово, изнудено или не, акцентот е на домашниот туризам. Во едно лето ги откривме сите водопади, шумски патеки, планини, реки, села, етнокуќи, сите вештачки езера сосе нивните заливи, островчиња и изолирани плажи до кои се стигнува само со чамец. Ги најдовме сите локации за кампувања и откривме уште толку нови за прекрасни ноќи под ѕвездено небо. Некои од нас си дозволија и луксузни вили, други уживаа во рустични куќарки и минималистички апартмани. Сето она на што низ годините наназад не ни помислувавме, кроејќи планови за море, сега ни стана опција број 1 - од Плачковица до Галичник, од Пелинце до Кожув, од Малешевијата до Маркова нога.

И како се отвораа патиштата за нова викенд-тура во „непознатата“ Македонија, така се отвораа и прашањата: Ќе се свртевме ли вака кон домашниот туризам, кон нашите туристички дестинации, кон домашните природни убавини да не беше пандемијата? Дали коронавирусот нè сврте кон домашниот туризам? Дали затворените граници ни ги отворија хоризонтите кон дома и кон она што досега беше речиси невидливо за повеќето од нас?


Кожув (фото: Иван Кал'чев)

Многумина првпат се качија на велосипед или на планина

Александар Донев, основач на „Mustseedonia” и експерт за одржлив туризам, вели дека поради неможноста да го правиме она на кое сме навикнале, принудени сме да најдеме некои нови начини како да ги поминеме летните одмори и викенди кога вообичаените мејнстрим туристички места се недостапни.

Кои се омилените места на Македонците што ги посетуваат и во време на пандемијата?

- Како и во многу други сектори, така и во туризмот пандемијата како да ги забрза сите оние трендови што се навестуваа. Кај нас, сепак, мислам дека е пред сè поради неможноста да го правиме она на кое сме навикнале и сме принудени да најдеме некои нови начини како да ги поминеме летните одмори и викенди кога вообичаените мејнстрим туристички места се недостапни. Гледаме многу наши луѓе првпат се качија на велосипед, на планина, и бегајќи од метежите, посетуваат предели во нашата земја кои како да сме заборавиле дека постојат, а се прекрасни и со огромни потенцијали за развој. Морам да кажам дека од овој аспект сметам дека тоа е многу позитивна промена. Сезонава е секако многу чудна, но такви се и овие времиња во кои живееме, па треба да се адаптираме - вели Донев.

Кај нас туризмот реално многу малку се третира и воопшто не го добива вниманието што го заслужува, вели тој.

- Во повеќето држави во развој ова е една од приоритетните економски алатки токму поради вработувањето на младите, рамномерниот регионален развој и повеќе крос-катинг агенди што ги адресира. Ние можеби декларативно како држава го препознаваме тоа, но практично немаме никаква стратегија за развој на туризмот и оставен е како во лер. Ако не се некои од донаторските проекти што ги препознаваат вистинските потенцијали за туризам и вложуваат, јас не знам каде ќе бевме сега. Последователно и оваа сезона, ако може да ја наречеме сезона, поминува импровизирано и неорганизирано. „Спасувај се кој како може“ - додава експертот.

Галичник (фото: Јасмина Брезовска)

Ќе ја научиме ли лекцијата да ги засукаме ракавите?

Според Донев, позитивното е тоа што вака затворени можеби ќе си ја запознаеме нашата земја поубаво, па може и нешто добро ќе излезе во иднина.

- Сакам да верувам дека можеме да извлечеме поука и да научиме да си ги вреднуваме нашите природни и културни вредности за да можеме одговорно да ги развиваме и да не ги уништиме за наредните генерации. Но, никако да ја научиме лекцијата. Светот води сериозни дебати и се адаптира на новава ситуација со вирусот знаејќи дека нема да се вратат работите како што беа и дека самите треба да го креираме новото нормално и тоа се гледа како нова шанса за наметнување многу поодговорни стандарди во туризмот, а ние некако инертно како да чекаме следната година да биде како претходната (а секако и од таа не бевме задоволни), а оваа ќе биде само лошо сеќавање. Во секој случај, трендовите и насоката во која се развива туризмот (авантуристички, еко, аутдор, автентичен, рурален...) се во наш прилог, но тоа не е доволно. Треба да ги засукаме ракавите и да си направиме сериозна стратегија каков туризам ќе развиваме и каде сакаме да ја видиме Македонија како туристичка дестинација за 20-30 години и да видиме како да стигнеме дотаму - категоричен е Донев.



Алтернативниот туризам може да донесе пари


Според Владо Србиновски, претседател на Балканската асоцијација за алтернативен туризам „Балканија“, најпогодени сектори од пандемијата се туризмот и угостителството.

- Бидејќи кризата ќе потрае, а веќе доведе до промени во секојдневните навики на живеење на луѓето и ги ограничи патувањата, неминовно е туристичката понуда да биде насочена и адаптирана кон домашните туристи. За жал, наша констатација е дека капацитетите со кои располагаме, сместувачки и други содржини надвор од развиените центри (Охрид, Дојран и Преспа), не се соодветно развиени според потенцијалите што ги има земјата. Неопходен е посериозен пристап на институциите за стимулирање локален економски развој во руралните средини. Покрај извонредното културно, историско и археолошко богатство и извонредни природни атракции, за соодветно да се развиваат алтернативните форми на туризам, неопходно е да се зголеми достапноста до таквите места надвор од урбаните средини. Да се ревитализира и доизгради постојната и патната инфраструктура. На овој начин ќе стимулираме развој на алтернативните форми на туризам кои не се врзани за сезонски посети, туку се користат во текот на целата година. Такви се културниот туризам - верски, манастирски, руралниот селски туризам, потоа екотуризмот, агротуризам, вински туризам, ловен и риболовен, планинарски, спелеолошки, спортски и рекреативен, кампинг-туризам, манифестации и многу други форми. Тоа се потенцијали што Македонија може да им ги понуди на домашниот и на странскиот турист - вели Србиновски.


Големо Езеро на Пелистер (фото: Радован Вујовиќ)

Промена на навиките за патување

Според него, кризата несомнено ќе доведе до промени во секојдневните навики на живеење на луѓето, како и во нивните навики за патување.

- Во следниот период ова ќе ги принуди домашните туристи да патуваат првенствено во домашните дестинации. Од ваквата состојба ќе имаме позитивен ефект - домашните туристи да ги запознаат туристичките вредности на земјата, кои за жал претходно не биле посетувани поради недоволна информираност, но и поради несоодветната понуда и недоволно адаптирани содржини кон туристите. Оваа состојба позитивно ќе влијае врз забрзан развој на туристичката понуда и создавање нови капацитети за сместување и развој на семејни бизниси во туризмот за самовработување и вработување на локалното население - вели претседателот на „Балканија“.

Предлози на наши авантуристи: Скриени места за одмор со деца во Македонија

Тој вели дека бидејќи потребата и навиките за патување на современиот турист се ограничени поради пандемијата, летните туристички центри и малата понуда од сместувачки капацитети во руралните места во овој период се исполнети. Според него, ова делумно ќе ја ублажи штетата што ја трпат туристичкиот и угостителскиот сектор, но смета дека по сезонската понуда ќе се соочиме со недоволна и несоодветна, и со мал обем туристичка понуда и недоволно содржини надвор од урбаните средини.

- Оваа состојба ќе нè натера да го промениме пристапот и да му дадеме поголемо значење на туризмот како индустриска гранка која носи девизи во земјата. Неопходно е да се започне со стратешко дејствување и одржливо планирање на следните чекори за развој на туризмот на сите нивоа. Да се направи краткорочна стратегија за следните 4 години со акциски план и да се има визија и подолгорочна стратегија со акциски план за следните 10 години. За тоа ќе биде неопходно вклучување на сите чинители во туризмот, поактивно од досега и вклучување на централните и локалните власти. Неопходно е одржливо развивање на туризмот во иднина, а одржлив туризам подразбира подобра заштита на животната средина, заштита на природните и културните ресурси, економски придобивки и поквалитетен живот за локалното население, попристојни и безбедни работни места во туризмот - вели Србиновски.

Бел рај, село Миравци / Фото: Маја Аргакијева

Како Македонците го перципираат прашањето: Како треба да се летува во Македонија?

И Ѓорѓе Камов, администратор на фејсбук-групата „Туризам во Македонија“ и иницијатор на агрегаторот на сите македонски туристички аранжмани „Кајак.мк“, вели дека во време на Ковид-19 ништо не функционира нормално, па така и туризмот.

- Она што ни се случи во изминатите неколку месеци е најлошото сценарио за туристичките работници. Да бидеме уште поискрени, на македонскиот туризам му се потребни странските туристи. Сето ова, со поминување на одморот во сопствената држава, изучувањето нешто ново и непознато е супер, но од друга страна, треба да се има предвид дека одредени периоди од летната сезона беа пренатрупани. Сведоци сме на отпадоците во Охрид, сведоци сме на хаотичните метежи на одредени планински места, на пренатрупаноста на градските плажа на езерата, што дури и може да се каже дека работите излегоа од контрола. Но, пак ќе повторам, тоа беа само одредени периоди од летната сезона, која сè уште трае. Она што лично мене не ми се допадна е начинот на кој Македонците го перципираат прашањето: Како треба да се летува во Македонија? - вели Камов.

Позитивната страна од пандемијата е поголемиот број присутни домашни туристи на домашниот пазар и запознавањето со убавините на Македонија.

- Но овде се поставува прашањето: Зарем требаше да ни се случи пандемија за да ја погледнеме Македонија? Според мене, не требаше! Ако зборуваме најотворено, на секој од нас му е потребно морето. Меѓутоа, секој од нас може да одвои макар викенд-патување низ Македонија. Така ќе бидат задоволни сите страни. Тоа е најидеалниот начин според кој треба да функционираат нештата. Сè додека трае пандемијата, ќе страдаат луѓето што се занимаваат со туризмот - вели Камов.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема