Моли и Мет се влогери од Лондон кои имаат канал на „Јутјуб“ под наслов „Dabble and Travel“, со 120 илјади следбеници. Овие млади влогери постојано патуваат и преку снимки ги пренесуваат своите искуства. Последната дестинација за која објавија видеа на нивниот канал е Македонија, односно повеќе градови во земјава.
Откако влегле во земјава од Албанија, возејќи се со автобус, тие ги посетиле Охрид, Струга, Битола и Скопје.
Моли и Мет се воодушевени од Охрид и од неговите убавини и не ја пропуштаат можноста да го посетат и прекрасниот манастир „Свети Наум“, каде што имаат направено феноменални снимки.
Но, овие симпатични патувачи решиле да се возат со воз од Битола до Скопје и да го снимат и тоа искуство. На снимката може да се види како ја коментираат железничката станица во Битола, која им личи на куќа. Иако се возат во еден од најновите возови во земјава, насловот на нивното видео е „Дали ова е најлошиот воз во Европа?“
Секако, патувањето им е проследено и со пробување на традиционалната македонска храна. Бурек, тавче-гравче (изговорено со симпатично смешен британски акцент), баклава - Моли и Мет уживаат во нашата прекрасна кујна. Не ја пропуштаат можноста да ја пробаат и македонската ракија, а по неа грлото си го ладат со македонско пиво.
Преку 11 снимки објавени на нивниот
јутјуб-канал може да се види како изгледа туризмот во нашата земја во време на пандемија на коронавирус.
Насловна фотографија:
Instagram (printscreen)