X
 06.03.2020 Наша тема

За да станете дел од „Менса Македонија“, треба да имате IQ над 131. Колку Македонци го исполниле условот?

Коефициентот на интелигенција е однос помеѓу психичката возраст на личноста и возраста мерена календарски во месеци, и тоа помножено со 100

Коефициент на интелигенција е вкупен резултат за човековата интелигенција и когнитивна способност, добиен од неколку стандардизирани тестови дизајнирани да ја проценат и измерат. Статистиката покажува дека само 2 отсто од светската популација имаат доволно висок коефициент на интелигенција да членуваат во „Менса“. Тука некаде е и Mакедонија, вели Елена Јовановска, потпретседателка на „Менса Македонија“.

Елена Јовановска, потпретседателка на „Менса Македонија“

Со неа разговараме за повеќе прашања поврзани со организацијата, кој може да стане член на оваа организација, какви тестови треба да полага, како се градира интелигенцијата, зошто тестовите не може да ги полагаат луѓе помлади од 16 години?
Неодамна „Менса Македонија“ одбележа 20 години од основањето. Јовановска објаснува дека ова е доброволна, непрофитна, независна и непартиска организација на граѓани од Македонија со високо натпросечна интелигенција, без разлика на нивната возраст, пол, националност, религија, образование, социјална положба и убедувања. Основана е во 1999 година под капата на Mensa International® .

- Од илјадниците тестирани во овие 20 години, условот за членство досега го исполниле 840 лица, односно сите тие припаѓаат во горните 2% од вкупната популација. Во моментов организацијата брои 162 добростоечки членови - тие што доставиле пристапница, ја подмириле членарината, редовно комуницираат меѓу себе и се вклучени во тековните активности. Бројката на добростоечки членови постојано варира и се менува, се трудиме што повеќе да го анимираме членството и оваа бројка постојано да расте - вели Јовановска.

Дел од членовите на „Менса Македонија“

Таа објаснува дека основна цел на организацијата е откривање на натпросечно интелигентните луѓе и нивно поврзување, заедничко дружење и учествување во широк спектар на социјални и културолошки активности. Постојат групи, т.н. СИГ-ови (special interest group) во кои членовите се „вмрежуваат“ според хобијата и интересите.

Постои скала за градација

Според Јовановска, не постои општо прифатена дефиниција за интелигенција. Постојат многу теории кои укажуваат на тоа дека интелигенцијата претставува интелектуална способност за брзо учење од претходно искуство, приспособување на нови ситуации, потенцијал за разбирање и користење апстрактни концепти.

- Според современото сфаќање, степенот на интелигенцијата првенствено е наследно одреден, додека под влијание на околината се модифицираат вродените диспозиции. Коефициент на интелигенција претставува вкупен резултат добиен од неколку стандардизирани тестови дизајнирани да ја проценат и измерат човековата интелигенција и когнитивна способност. Прифатено е коефициентот на интелигенција да се претставува како однос помеѓу психичката возраст на личноста и возраста мерена календарски во месеци и тоа помножено со 100 - објаснува Јовановска.

На едно од тестирањата

Стандардизираните тестови за интелигенција се со просечен коефициент од 100. Според досегашните статистики, поделбата е на следниов начин:
- Екстремно ниска интелигенција (до 69),
- Потпросечна интелигенција (70-89),
- Нормално развиена интелигенција/просечна интелигенција (90-109),
- Натпросечно ниво (110-130),
- Високо интелигентен (131 и повеќе), што значи дека резултатот е во горните 2% од вкупното население и дека е исполнет условот за членство во „Менса“.

Нивото на интелигенција во тестот на „Менса“ се определува како високо над просекот доколку со резултатот спаѓате во горните 2% од светската популација. Во моментов со тестот со кој располага „Менса Македонија“, за да се стекне одредена личност со правото да стане член на организацијата, потребно е коефициентот на интелигенција да биде над 131.



- За да се спречат недоразбирањата што настануваат при интерпретацијата на нумеричките индекси постигнати на различни тестови на интелигенција (различните коефициенти на интелигенција), во „Менса“ истовремено се користи и процентуално изразување на резултатот, со коe е овозможено изедначување на резултатите постигнати на различни тестови на интелигенција. Кандидатите за членство во „Менса“ треба да постигнат резултат кој е еднаков или поголем од 98% (резултат кој е еднаков или поголем од 98 проценти од вкупната популација што се тестира) на стандардизиран и надгледуван тест за интелигенција - објаснува Јовановска.

Зошто не се тестираат лица помлади од 16 години?

Членовите на „Менса Македонија“ се избираат според општо прифатените критериуми на Mensa International®. Тестот за интелигенција се состои од 45 прашања за кои треба да се изнајде решение за 20 минути. Сите 45 прашања се состојат од 8 фигури/слики за кои треба да се пронајде деветтата последователна фигура во низата, помеѓу 6 понудени одговори. Секое лице над 16 години има право најмногу трипати да го полага тестот. Моментално во Македонија се користи тестот ФРТ (Figure Reasoning Test), кој ја мери општата интелигенција, а долната граница за влез во „Менса Македонија“ е коефициент на интелигенција од 131 (IQ = 131).

На предавање

- Во светот постојат тестови на интелигенција и за мали деца. Се надеваме и работиме на тоа во иднина и ние да ги воведеме овие тестови, па во соработка со образовните институции да се изработат проекти за пронаоѓање надарени млади луѓе - вели Јовановска.

Интересно е што резултатите од тестирањата се тајни. Тестот што го користи „Менса Македонија“ укажува дека едно лице има повисок степен на интелигенција од 98% или 99% од вкупната популација. Секој од членовите го достигнал потребниот коефициент на интелигенција за влез во „Менса“.

- Податоците од тестирањата се тајни, ниту ние што сме членови не знаеме кој колкав коефициент на интелигенција има, сите сме исти. Самиот збор 'менса' значи маса, како кружна маса каде што сите сме рамноправни и каде што расата, верата, националното потекло, годините, политичката, образовната или социјалната заднина се неважни. Досега условот за влез во организацијата го оствариле 840 лица. Имајќи ја предвид вкупната популација на Македонија, тоа е бројка што не е за потценување. Задоволни сме од интересот за тестирањата и веруваме дека бројката на членови ќе расте - вели Јовановска.

Тестирање

Многу познати личности од различни области се со докажано висок коефициент на интелигенција, што е и единствен услов за станување член во „Менса“. Квентин Тарантино, Стив Мартин, Мадона можат да се поврзат со висока интелигенција.

- Но, нивото на IQ нема никаква врска со познавања од општа култура, начитаност, фактографско знаење или дипломи, и уште помалку не е предиспозиција за „успешност“ во животот - вели Јовановска.

Здруженијата „Менса“ во светот организираат различни заеднички активности, предавања, дружења и екскурзии. За „Менса Македонија“ најчести се комуникациите и дружењата со здруженијата од поранешните југословенски држави. „Менса Црна Гора“, како една од најактивните на Балканот, традиционално организира летни настани кои се одлична можност за запознавање, соработка и дружење помеѓу членовите.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема