X
 06.04.2020 Колумни

Колумна: Колку тежи една корона?

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште


Како минуваат деновите, станува сѐ поизвесно дека вирусот со кој сме соочени веќе некое време допрва ќе го покажува својот лик, ќе нѐ измачува, ќе нѐ загрижува и ќе нѐ исправа пред предизвик каков што веројатно не сме имале досега – и како родители и како наставници. Како луѓе, конечно. Се мачиме со него додека тој со невидена леснотија секој ден зафаќа сѐ поголема и поголема популација, неми и во грч нѐ приковува пред ТВ-екраните, ни влева немир и чувство дека всушност и не сфаќаме најдобро колку оваа состојба е сериозна. А сериозна е. Многу.


Секој учител што ја носи својата професија како своја кожа знае – во основа, на децата им недостига училницата, онаа атмосфера во која лекцијата не е само лекција, тестот не е само тест, а учителот не е само учител. Колку и да не ја сакаат кога се во неа. Дел од нивниот живот е, дел од нивниот поглед на тој живот. Дел од нивното созревање. Затоа сега кога не се во неа, го носат оној чуден баласт на отсуство на драго битие со и во кое секојдневно се споделувале самите себе - преку дружба со своите учители, со своите другари од клупа. Со оние со кои сега се гледаат преку монитор.

Ќе ви раскажам пак една приказна од онлајн-образовното секојдневие, она парче време кое сите ние како учители го живееме со нашите ученици во услови на вонредна состојба. Тогаш кога и на фелата и на учениците полека почнува да им се чини дека само за образованието состојбата некако како да не треба да се доживува како вонредна. Еве зошто:
Согласно насоките од надлежните, сите даваме сѐ од себе да ги анимираме учениците, да споделуваме содржини според наставната програма, да им даваме задачи, да ги проверуваме – секој со своја перцепција за материјата и секој со свое сфаќање како да биде учител со сите нишани. Согласно насоките, нели. Согласно наставната програма, нели. Согласно програмата, принципите и критериумите за оценување, нели. Губејќи од вид дека сега, во овие драматични времиња, постои една друга многу поважна програма – животната.

Нејсе. Аплелирам утрово до учениците да го испочитуваат рокот кој го имаа за доставување на задачата. До вечерва, за да стасам да исчитам, да вреднувам, да додадам на другите параметри што ги имам додека бевме заедно. За секој ученик, во изградено ученичко портфолио. Затоа што имаме насоки да ги оцениме, да внесеме сѐ што треба во е-дневникот согласно програмата, нели, класните раководители плус да пополнат и евидентни листови, да избројат отсуства и да регулираат сѐ што треба. Согласно насоките, нели. Секој ден, со нови насоки, известувања и апели.

Ми пишува едно момче, чија помалку дрско-тврдоглава, но младешка, умна насмевка од втората клупа пред катедрата толку ми недостига:

- Професорке, не сум дома, ќе се обидам да ви пратам вечерва, се надевам дека ќе стасам.
Помалку збунета му одговарам:
- Ти заборави дека ми ја имаш пратено задачата пред некој ден?
- Леле, професорке, извинете, сум се збунил. Некако изумив дека сум ви пратил. Извинете.
Кус, по мене срцезаболувачки сегмент од корона-образованието. Што покажува оваа за момент, но само за момент смешна приказна, затоа што ако се погледне подлабоко, тежи многу повеќе? Покажува дека она што во старт беше благородна и пак ќе кажам, сосема правилна идеја за држење на образовната кондиција на едно убаво и за вакви услови приспособено ниво, прерасна во истоштувачки апарат за дишење на кој сите сме приклучени, сѐ повеќе без воздух, а се чини и за жал, некако и без желба да се бориме за него:

- Ние како учители, оти како да почнавме да се натпреваруваме кој ќе биде поголем учител, па ги маваме по глава секој ден, дури ми се чини, во вакви услови и повеќе отколку во времето кога бевме со нив. Сите на линија, секој со свои барања. Сите во ситуација на воспитен грч затоа што сепак сме свесни дека ова не чини и сите без учителска енергија да ги поштедиме од товарот што им го наметнуваме. Оти од нас се бара. И ние сработуваме.

- Децата како ученици, оти како да заборавивме дека и тие се дома и дека можеби овој хорор повеќе им тежи. Оти се млади, затворени, и тие полни со грижи и недоумици. Без социјални конекции кои се дел од најубавиот дел од животот – младоста. Материјали, месинџери, тестови, зум, платформи, презентации, есеи. Рокови. За матурантите, од понеделник почнува онлајн-одбраната на проектните задачи во функција на државна матура. Не знаат ниту како и дали ќе полагаат. Чекаат. До понеделник треба да завршат сѐ што не стасале како тековни онлајн-активности и да ни пратат, затоа што дотогаш треба да ги спуштиме оценките во е-дневникот. Што попрво да направат? Оти од нив се бара. И тие сработуваат.

Се прашувам како да го завршам писаниево. Што да кажам повеќе? Дека грешиме? Дека реално не сме подготвени за ваков образовен предизвик, со самото тоа што го деформиравме? Сите знаеме дека е така. Само ако сакаме тоа да го изговориме, онака учителски, од срце. Дека надлежните треба да се преиспитаат и да го преобликуваат системот оптоварен со пресија, согласно состојбата? И тие знаат дека е така. Само ако сакаат тоа да го изговорат, онака професионално, од срце.

Можеби, сепак, најдобро ќе биде да завршам со тоа што ќе речам дека ги отепавме децата. И ние се отепавме. Затоа, сѐ што треба е само да се потсетиме на фактот дека не е лесно да се сфати што е исправно. Но кога ќе се сфати, не е тешко исправно да се постапи. Само така ќе сме во состојба сега да измериме колку тежи една корона.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни