X
 12.02.2016 Наука

Зошто откритието на гравитационите бранови е толку важно?

Вчера, во светот на науката се случи нешто навистина важно - за прв пат се откриени гравитационите бранови, звуци во просторот и времето, нешто за кое познатиот Алберт Ајнштајн зборувал пред 100 години. Сега би било подеднакво значајно кога ова важно откритие успее што подобро да се претстави пред широката публика.

 

5


Пред 100 години, на 20 март 1916 година, Алберт Ајнштајн ја претставил теоријата за релативноста. Ова е едно од најголемите достигнувањата на физиката во 20-от век, но што е всушност општата теорија на релативноста?

Накратко, општата теорија на релативноста ни ја опишува и гравитацијата и како таа навистина функционира. Секако, Ајнштајн не бил првиот кој ја открил позадината на мистериозната гравитација, туку тоа било Исак Њутн кој уште во 17-от век го открил ова сознание. Но, законите на Њутн функционираат многу добро ако се применети на релативно помал простор. Да речеме, ако ја мериме силата на гравитација на предмет кој ќе го фрлиме од висока зграда или па дури и кога ја мериме гравитацијата при одење на Месечината.

Сето ова, во контекст на вселената која не` опкружува е мал простор. Проблемот со Њутн е тоа што неговите закони започнуваат да даваат погрешна скала ако зборуваме за навистина големи простори и особено оддалечени тела како што се планетата Земја и Сонцето.

На кој начин Ајнштајн ја објаснил гравитацијата во својата општа теорија на релативноста? Она што го гледаме како сила на гравитацијата всушност е нешто што произлегува од искривувањето на просторот и времето. Што тоа значи? Како времето и просторот можат да бидат „искривен“?

Значи, сите знаеме што е гравитација. Се` „паѓа“ надолу, работите околу нас, суштествата околу нас, самите ние. Како нешто да не` влече надолу, кон земјата. Тогаш сме свесни дека знаеме како делува гравитацијата но никој од нас всушност не знае „што е“ гравитацијата. Од каде таа? Зошто не` влече до центарот на Земјата?

И покрај сите теории, научниците се`уште не можат фундаментално да објаснат што е гравитацијата, иако знаат како таа се однесува.

Она што го знаеме е дека гравитацијата е сила која привлекува помеѓу две маси, две тела. Гравитацијата не е само сила која ги привлекува предметите на Земјата - гравитацијата е привлечна сила која постои помеѓу два предмети, во целата вселена.

Исак Њутн открил дека постои гравитација помеѓу сите предмети. Таа влијае врз јаболкото да падне од дрвото и таа не` „држи“ на површина бидејќи ако не беше таа ние ќе одлетавме во селената.

Но, таа иста гравитација постои насекаде во вселената. Тааделува и помеѓу две субатомски честички, помеѓу две ѕвезди, планети и галаксии. Гравитацијата е одговорна за комплексноста на универзумот.

Ефектот на гравитација се протега од секој предмет кон вселената и тоа во сите правци. Колку далеку? Бесконечно далеку. Се разбира, силата на гравитацијата брзо се намалува со текот на далечината.

Луѓето не се свесни за гравитационите сили кои Месечината ги има врз нас и се` околу нас - така на пример гравитацијата на Месечината ги „повлекува“ нашите мориња и океани кон себе па затоа имаме плима и осека.

Месечината има помала маса од Земјата па и гравитацијата на неа е помала. Што ја одредува силата на гравитацијата? Едноставно - колку е предметот поголем, толку поголема ќе биде и неговата гравитација.

Како Ајнштајн ги унапредил законите на Њутн? Тој констатирал во својата теорија дека гравитацијата не е сила туку последица на искривувањето на времето и просторот. Значи, повторно сме кај таа искривеност.

Њутн сметал дека гравитацијата е фундаментална сила - нешто што делува од секој предмет на секој предмет. Секој од нас има своја гравитациона сила, секоја ѕвезда и секој атом.

Но, тука доаѓа Ајнштајн и неговата револуционерна нова идеја за гравитацијата. Да, и тој сметал дека масата има врска со гравитацијата, но како? На начин на кој самата вселена е свиткана, крива, околу таа маса, да речеме околу ѕвездите или планетите. Значи ѕвездите или планетите на некој начин би создале вдлабочување во кое секој предмет, ако дојде доволно близу, едноставно ќе падне.

 

7


Како да се објасни за да добие смисла? Да кажеме дека масата кажува како просторот околу неа ќе се искриви додека просторот порачува масата како ќе се движи. Од тоа произлегува дека гравитацијата всушност не е сила, туку искривеност на просторот, но не само на просторот туку и на времето, односно концептот кој ги обединува просторот и времето, а тој концепт се нарекува едноставно простор-време или простор-време континум (бесконечност).

Просторот има 3 димензии (должина, ширина, висина) додека времето има една димензија (тоа едноставно тече) што значи дека простор-време има четири димензии.

Токму овa зборува за генијалноста на самиот Ајнштајн кој поврзувајќи две идеи заедно, простор и време, сфатил дека просторот и времето се релативни. Тоа во суштина значи дека за предметот кој се движи времето поминува побавно, отколку за предметот кој мирува.

Звучи апсурдно? Треба да помислите дека ние, во споредба со брзината на светлината, се движиме ужасно бавно.

Феноменот кој за прв пат бил откриен од Ајнштајн е потврден. Научниците ставиле прецизни часовници во вселенските ракети со висока брзина и кога се вратиле на Земјата тие часовници покажувале дека доцнат на Земјата. Доцнењето е минијатурно, но тоа нема врска - докажана е теоријата на Ајнштајн.

Сега доаѓаме до клучниот момент, односно актуелното знаење кое потврди дека теоријата на Ајнштајн била точна цело време. Имено, Ајнштајн тврдел дека при искривувањето на просторот се случуваат таканаречени гравитациони бранови кои вибрираат, пловат од изворот. Овие гравитациони бранови Ајнштајн ги предвидел во 1916 година, за кои рекол дека транспортираат енергија и гравитациона радијација.

100 години подоцна, денес добивме потврда - Ајнштајн уште еднаш бил во право. Но како научниците знаат за постоењето на гравитационите бранови? Како тие ги откриле?

 

2


За да се објасни сето тоа, мора да се префрлиме во подалечна галаксија и две црни дупки. Кога зборуваме за црни дупки, тие се се` само не празни - замислете ѕвезда 10 пати помасивна од нашето Сонце. Резултатот е особено силно гравитациско поле - толку силно што ни светлината од него не може да избега бидејќи со толку голема сила привлекува се` кон себе, па дури и самата светлина.

Овие две црни дупки, самите по себе се екстремно набиени со гравитациска сила, па се судираат. Што се случува? Гравитациони бранови - оние бранови за кои Ајнштајн теоретизирал дека постојат.



 

Со цел да ги „фатат“ брановите Америка изгради две огромни опсерватории, односно два огромни комплекси чијашто цел била да слушаат звуци кои доаѓаат од вселената, поточно звуци кои би можеле да го потврдат постоењето на гравитациони бранови.

 

1


Целосното име на комплексот е ласерски интеферометарска опсерваторија за гравитациони бранови или скратено LIGO (Laser Interferometer Gravitational-Wave Observatory). Koлосалниот космички судир, силната експлозија која се случила кога двете црни дупки се удриле, произвеле толку силни вибрации кои патувале до вселената, се` до кај нас. Токму овој судир го слушнаа научниците, за прв пат.

Ајнштајн бил во право, гравитационите бранови постојат, а ние можеме да кажеме дека сме сведоци на нешто убаво и волшебно.

 

Што се менува после ова? Се`. Сфаќањето за универзумот повеќе никогаш нема да биде исто бидејќи луѓето досега имале можност до одреден степен да ја гледаат вселената, но сега имаат и можност за прв пат да ја слушнат. Да се слушне вселената е извонредна способност, нешто како скенер на вселената, способност со која ќе можеме да пронајдеме тела за кои сме мислеле дека во вселената некаде постојат, но и оние за кои допрва треба да дознаеме.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука