X
 06.05.2021 Наука

Научниците детектирале природни радиосигнали на Венера

Сепак, не станува збор за вонземјани, туку за показател на влијанието на Сончевата активност врз јоносферата на Венера.

Леталото „Паркер“ на американската вселенска агенција НАСА се приближило до Венера во јули минатата година. Научниците што ги анализирале податоците од леталото за време на мисијата откриле дека тоа регистрирало радиосигнали од планетата.

Леталото се приближило на растојание од над 800 километри од површината на Венера. Истражувачите се надеваат дека ќе ги искористат податоците за да разберат како Венера се претворила во топка со топли гасови, иако има слична големина и структура како Земјата.


Фото: Pixabay

Резултатите од новата анализа покажуваат дека атмосферата на планетата се менува во однос на 11-годишниот циклус на активност на Сонцето. Магнетното поле на Сонцето целосно се менува на секои 11 години, односно неговиот јужен и северен пол си ги менуваат местата. Ефектите од промените во активноста на Сонцето се забележуваат и на Земјата преку прекини во радиокомуникацијата и аурори.

Еден од инструментите на леталото „Паркер“ регистрирал природни радиосигнали со ниска фреквенција, долги седум минути, при поминувањето покрај јоносферата на Венера. Радиосигналите од Венера биле многу слични на сигналите регистрирани на мисија во која летало поминало низ јоносферата на месечините на Јупитер.

Истражувачите заклучиле дека јоносферата на Венера станува потенка како што Сончевиот циклус се приближува кон Сончевиот минимум, односно кога има најмала Сончева активност.

Автор: Виктор Тангерман
Извор: futurism.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука