X
 12.08.2021 Наука

Шансите за удар од астероид се поголеми отколку што се мислело

Шансите дека Земјата може да биде погодена од еден од најстрашните астероиди во нашиот Сончев Систем се поголеми отколку што се мислело претходно, според американската вселенска агенција НАСА.

Шансите за астероидот Бену да ја погоди Земјата во следните 200 години сега се еден во 1.750. Претходно тие биле еден во 2.700. Вселенското летало „Осирис-Рекс“ на НАСА им помогнало на научниците подобро да го разберат движењето на астероидот во следните векови.

Најризичен датум за удар ќе биде 24 септември 2182 година, пренесува „Скај њуз“.


Фото: Pixabay

Сепак, шансите за удар се многу мали, порачал Давиде Фарнокија од Центарот за истражување на тела во близина на Земјата на НАСА.

„Осирис-Рекс“ го истражува Бену од 2018 година и сега се враќа кон Земјата откако собрал примероци од астероидот. Леталото треба да стигне на Земјата во 2023.

Бену ѝ се приближува на Земјата на секои шест години и се смета за еден од најопасните астероиди во нашиот сончев систем. Тој прво ќе ѝ се приближи на нашата планета во 2135, но научниците сметаат дека нема шанси за удар.

Извор: Sky News
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука