Човечките очи обично не се сметаат за најдобри во животинското царство. Мачките можат многу добро да гледаат во мрак, а некои пајаци имаат 12 очи за да зјапаат во вас.
Сепак, една нова студија сугерира дека треба да сме среќни со нашите очи бидејќи изостреноста на нашиот вид е многу подобра отколку кај останатите животни.
Истражувачите од Универзитетот „Дјук“ го споредиле и рангирале видот на многу различни видови за да одгатнат колку остар или заматен е нивниот поглед. Според екологот Еленор Кејвс, во животинското царство повеќето видови гледаат многу помалку детали од луѓето.
Не можете да прашате мува или орел да ви прочита букви. Наместо тоа, истражувачите погледнале во анатомијата на очите и искористиле бихевиористички тестови за да ја утврдат изостреноста на видот кај разни видови животни.
Истражувачите употребиле метода позната како „број на циклуси на еден степен од визуелен агол“ за да ја утврдат изостреноста. Потоа тие ги внеле податоците во вид на софтвер кој покажал какви слики би гледале овие животни.
Луѓето можат да разликуваат околу 60 циклуси за степен, што значи дека можеме да видиме 60 пара на бели и црни паралелни линии во еден степен на поглед. Ако има повеќе, линиите стануваат сиви.
Тимот утврдил дека шимпанзата и другите примати се со слични резултати како оние на луѓето, што и не е некое изненадување.
Интересно е што не многу животни имале подобри резултати од нас, освен неколку грабливи птици кои гледаат речиси двапати подобро од лимитот на човековата јасност на погледот.
Фото: Science Alert
Истражувачите утврдиле дека рибите и повеќето птици можат да видат околу 30 циклуси на степен, а слоновите можат да видат само околу десет. Десет циклуси на степен е ниво на кое едно лице се класифицира како слепо, но повеќето животни и инсекти всушност се под тоа ниво.
Интересен е примерот со пеперутките, кои најверојатно не можат да ги видат шарите на другите пеперутки, но птиците можат.
- Поентата е истражувачите што ги проучуваат интеракциите меѓу животните да не претпоставуваат дека различните видови ги уочуваат деталите исто како нас - вели Кејвс.
Тука е важно да се напомене дека пајаците, рибите или другите животни со ограничена изостреност на видот всушност гледаат подобро отколку што посочува студијата поради формите на процесирање во мозокот.
- Ако еден орел погледне во човекова визија со ист софтвер, би мислел дека нашиот свет е заматен, а не е - вели Кејвс.
Софтверот само ви кажува кои визуелни информации се достапни. Сепак, не можете да искористите информација која никогаш не сте ја примиле. Ако изостреноста е премногу мала за да се детектира одреден детаљ, веројатно не е нешто на што вашиот мозок може понатаму да работи.
Тимот моментално работи само на очите и не може да каже што мозокот на животното всушност прави со сликата. Сепак, покрај
ограничувањата, студијата ни дава фасцинантни детали за тоа како остатокот од животинското царство го гледа светот околу нас.