X
 24.07.2024 Наука

Давањето имиња на домашните животни ја намалува желбата на децата да го јадат нивното месо

Давањето име на пиле, мисирка или свиња и посочување на неговите индивидуални квалитети може да го промени ставот на децата кон животните. Тоа ги тера децата да ги перципираат животните како послични на луѓето. Потоа сакаат да се дружат со животните наместо да ги јадат, велат истражувачите од Универзитетот СВПС.

Животните во детските емисии и приказни често се прикажуваат со специфични имиња, уникатни карактеристики и лични преференции. Добар пример е популарната емисија „Прасето Пепа“.

Дали доделувањето индивидуални карактеристики на животните ги поттикнува децата да ги хуманизираат и да се поврзат со нив, а не да консумираат месо? Според некои истражувачи, тоа не мора да биде така бидејќи потрошувачите често го занемаруваат фактот дека месото во нивната чинија доаѓа од вистински животни. Малите деца, од друга страна, сè уште не го знаат ова.

- На пример, луѓето може да ја отфрлат идејата дека животните имаат ментални атрибути слични на човекот, како што е капацитетот да се доживее страдање. Следствено, колку повеќе месни производи консумираат луѓето, толку помалку ги перципираат животните како слични на луѓето и имаат тенденција да покажуваат помалку емпатија кон нив - истакнува д-р Александра Рабинович од Факултетот за психологија во Зопот, Полска, при Универзитетот СВПС.

Таа додава дека пред децата да разберат од каде доаѓа месото, тие се сметаат за несвесни потрошувачи. Сакаат животни кои изгледаат „убаво“ и мислат на нив како што мислат за другите луѓе, во смисла на поврзување. Малите деца сигурно не ги поврзуваат животните со храна. Истражувања покажале дека иако поголемиот дел од американските деца на возраст од 4 до 7 години сметале дека свињата (73,3%) и пилињата (65,9%) не треба да се јадат, приближно 30% од овие деца не биле во право во однос на одредувањето на потеклото на животинските производи.

Како децата ги перципираат животните?

Вкупно 208 деца од предучилишна возраст учествувале во две студии и им биле претставени слики од свињи и кокошки. На почетокот децата биле прашани дали знаат од каде доаѓа месото. Повеќето деца (над 72%) одговориле точно, укажувајќи на животните воопшто или на специфични животни како извор на месо. Ги прашале и колку уживаат во јадењето месо. Потоа, на некои деца им била покажана фотографија со свиња на која ѝ дале име, лични навики и преференции:

-Ова е Лелка, единствената свиња од нејзиниот вид во светот. Омилената храна на Лелка е топлиот компир. Лелка ужива да трча на поле, копајќи во земјата и прскајќи се наоколу во калта.

Другите деца слушнале опис кој се однесува на свињите како група. Во последниот дел од студијата децата ја проценувале нивната подготвеност да се дружат со животно и нивната подготвеност да го јадат неговото месо.

Слична постапка била користена и во втората студија. Меѓутоа, во овој случај предмет на анализа на децата од предучилишна возраст биле кокошките. Дополнително, од децата било побарано да оценат колку кокошките се слични со луѓето, на пример, дали имаат емоции.

Значително повеќе деца на кои им била претставена свиња која имала име и навики ја сметале за уникатна (79%) во споредба со децата на кои им било претставено животно без индивидуални карактеристики (21%). Децата од предучилишна возраст од првата група многу почесто изјавувале желба да се спријателат со такво животно, а многу поретко изјавувале желба да јадат јадења направени со неговото месо.

Слична била ситуацијата и во студијата со кокошките. Значително повеќе деца (над 84%) ги сметале кокошките за уникатни кога им давале име, во споредба со децата од предучилишна возраст кои ги перципирале кокошките генерално како вид (нешто повеќе од 9%). Згора на тоа, децата од првата група ја сметале кокошката како човечко битие. Тие, исто така, биле многу поподготвени да се дружат со кокошката и помалку да ја користат како месо.

- Резултатите од овие две студии покажуваат дека кај децата, идентификувањето на животното за јадење кое има име и лични карактеристики што ја нагласуваат неговата уникатност е моќна алатка која може да го промени ставот кон сето тоа - коментирала д-р Рабинович.

Извор: phys.org

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука