X
 12.01.2022 Здравје

Кои се шансите повторно да се заразите со коронавирусот?

Порано во пандемијава научниците објавуваа истражувања во кои покажуваа дека луѓето заразени со ковид-19 имаат имунитет барем 6 месеци по оздравувањето. Меѓутоа, сојот омикрон отвори нови прашања за шансите за повторно заболување од ковид-19.

Експертите знаат дека омикрон има повеќе мутации од претходниот сој делта и полесно се пренесува. Затоа низ светот расте бројот на заразени со ковид-19.

Според Карла Гарсија Карењо од детскиот медицински центар „Плано“, омикрон полесно се пренесува поради промените во шилестиот протеин на вирусот, односно делот од вирусот кој се врзува со човечките клетки пред да ги зарази. Овие промени му овозможуваат полесно закачување на вирусот за човечките клетки, што го олеснува пренесувањето од човек на човек.


Фото: Pixabay

За жал, експертите во моментот не знаат колку трае имунитетот по заразувањето со омикрон, но претпоставуваат дека трае барем два месеца. Карењо открива дека генерално ретко се забележува второ заразување во период од 3 месеци по првото заболување кај лица што немаат проблеми со имунолошкиот систем. Таа додава и дека моменталните вакцини, особено со дополнителна доза, се ефикасни во заштитата од омикрон.

Претходни истражувања покажале дека луѓето што се вакцинирани и прележале ковид-19 можеби се подобро заштитени од оние што се само вакцинирани.

Сепак, експертите посочуваат дека ниту една комбинација од вакцини и заразување не може да создаде целосен имунитет. Без разлика дали имунитетот е добиен од вакцина или заразување, секогаш функционира со степени, а не со апсолутни вредности.

Извор: Huffpost
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје