X
 06.06.2020 Образование

Ректорските избори на УКИМ во мирување - Владата донесе Уредба

Владата синоќа донесе Уредба за Законот за високо образование, со која се предвидува дека на органите на универзитетите на кои мандатот им истекува за време на вонредната состојба, постапките за избор ќе ги започнат, односно продолжат по завршувањето на вонредната состојба. 


Сите почнати постапки за избор на раководен орган пред стапување во сила на оваа уредба ќе се стават во мирување. Дејствијата кои се преземени претходно се сметаат за важечки, а останатите дејствија ќе продолжат по завршување на вонредната состојба и по престанок на ограничувањата предвидени со закон.


На Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во тек беа ректорски избори, а до 8 јуни требаше да бидат доставени сите кандидатури. Независниот академски синдикат (НАкС), како и проректори и дел од кандидатите за ректор деновиве побараа да се прекине изборниот процес.


Владата ја разгледа и усвои информацијата и ја донесе одлуката за бројот на студенти за запишување во прва година - прв циклус на студии на јавните високообразовни установи, и тоа на: Универзитететите „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, „Св. Климент Охридски“ - Битола, „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитетот во Тетово, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ - Охрид и Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, во учебната 2020/2021 година. 

Донесена е и одлуката за дополнителни квоти за запишување студенти припадници на заедниците кои не се мнозинство во Македонија во прва година – прв циклус на студии на овие јавни високообразовни установи.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование