Дали некогаш сте прочитале книга која ви го сменила животот? Книгите може да го пренесат читателот преку континенти и да го стават во туѓа кожа, така менувајќи го начинот на кој тој го гледа животот. Но, книгите имаат моќ и да лекуваат. Ова го тврдат библиотерапевтите, кои им препишуваат книги на пациенти врз основа на она што им се случува во животот.
Што е библиотерапија?
Станува збор за стар феномен. Авторот Семјуел Џонсон, кој имал депресија, еднаш рекол дека единствената цел на пишувањето е да им помогне на читателите подобро да го живеат животот или подобро да го поднесат. Се претпоставува дека на влезот на тајната библиотека на фараонот Рамзес Втори пишувало: „Место за лекување на душата“.
Според Ела Бертуд, библиотерапевт од Велика Британија, оваа техника била присутна од времето на Платон. Според неа, луѓето користат библиотерапија поради различни причини. Понекогаш тие имаат проблем кој не знаат како да го решат, а понекогаш се на крстосница и не знаат за која насока да се одлучат.
Пред секоја сесија Бертуд им испраќа прашалник на читателите во кој ги прашува за нивните навики за читањето, нивната животна ситуација и можните големи настани што им претстојат. Сесијата се состои од 40-минутен разговор во живо или преку „Скајп“, а на крајот од разговорот библиотерапевтот составува листа со 8 книги за читање во следните неколку месеци. Бертуд објаснува зошто ги одбрала тие наслови и како читањето ќе му помогне на клиентот.
- Книгите може да имаат моќ да ги поттикнат луѓето да сакаат да го искористат денот, да патуваат, да имаат деца, да се соочат со животот без партнер, различно да гледаат на стареењето или да разберат како се живее со одреден хендикеп. Преку книгите може да се научат и искусат многу различни работи - вели Бертуд.
Автор: Кејт Вајтинг
Извор: W
eforum.org