Овој септември Јапонија планира да го лансира првиот дрвен сателит во светот.
Експерименталниот сателит, наречен „Лигносат“, го развија истражувачи од Универзитетот во Кјото и јапонската компанија за сечење дрва „Сумитомо форестри“. Сателитот треба да биде лансиран до Меѓународната вселенска станица во септември, по што ќе биде распореден во орбитата.
„Лигносат“ е мала коцка од 10 сантиметри и тежи малку повеќе од 0,9 килограми. Изработен е со помош на традиционална јапонска техника која не бара завртки или лепило и е опремен со надворешни соларни панели.
Деловите од сателитот кои вообичаено би биле изградени од алуминиум се направени од дрво од магнолија. Дрвото од магнолија е избрано поради неговата цврстина и обработливост откако беа спроведени тестови за изложеност во вселената на дрвени чипови од цреша, бреза и магнолија.
Околу еден месец по пристигнувањето во орбиталната лабораторија, сателитот ќе биде распореден од јапонскиот модул Кибо. Истражувачите ќе проучуваат како ќе се снајде во суровата средина на вселената, собирајќи податоци за проширување, контракција и деградација на дрвото, заедно со внатрешната температура и перформансите на електронската опрема.
Ако „Лигносат“ функционира добро, би можеле да се отворат нови врати за намалување на влијанието врз животната средина од повторното влегување на сателитите. Традиционалните сателити можат да депонираат штетни метални честички во атмосферата кога ќе паднат на нашата планета.
- Проширувањето на потенцијалот на дрвото како одржлив ресурс е значајно. Наша цел е да изградиме човечки живеалишта користејќи дрво во вселената - рече Такао Дои, астронаут и професор од Универзитетот во Кјото.
Развојот на „Лигносат“ почна во април 2020 година, а беа извршени и копнени тестови за да се осигурат функционалноста и безбедноста на лансирањето на сателитот во вселената.
Извор:
Space.com
Фото: Kyoto University