X
 06.07.2022 Наша тема

14-годишниот Благој, добитник на златен медал на Македонската јуниорска олимпијада по информатика, смислува програмски решенија за анализи дури и за ковид-19

14-годишното талентирано момче за програмски јазик се обиде да најде начин за откривање потенцијални опасни контакти на лицата заразени со болеста

На десет години децата пишуваат песни за миленичињата и другарството, но прилепчанецот Благој Рујаноски-Стојановски уште во петто одделение во училишното списание објави песничка за својата желба да стане програмер. „Програмер да бидам, нови програми да видам... да измислам нов компјутер без рутер... компјутерот да ни биде во нашата глава, голем колку мрава... составен од микрочип, наменет за сите, а не за личности ВИП“.

Вакви стихови напиша талентираното момче кое од најмали нозе има љубов кон информатиката и ИТ-технологијата. Поезијата како да беше визионерска, со оглед на тоа дека Благој годинава како деветтоодделенец освои златен медал на 3. Македонска јуниорска олимпијада по информатика што во април се одржа во Скопје. Последните неколку години редовно е победник на регионалните натпревари по информатика, на државен лани освои прво, а годинава второ место. Ваквиот успех не е чудо доколку се знае дека дома со семејството заедно вежбаат решавање проблеми со информатички методи.



Го привлекуваат роботиката и вештачката интелигенција

- Прв приоритет ми е да освојам медал на Балканската и на Европската јуниорска олимпијада по информатика, кои ќе се одржат во блиска иднина. Љубовта кон информатиката и ИТ-технологијата се јави уште од најрана возраст преку играње логички и стратешки компјутерски игри. Бев многу љубопитен за истражување и проучување на функциите на мобилните телефони, компјутерите, паметните часовници и слично, поточно нивниот софтвер. Дома немам официјален информатичар, но јас, татко ми и брат ми Петар заедно вежбаме проблеми по информатика - раскажува Благој.

Да напредува во знаењето многу придонесе и училиштето „Климент Охридски“ во Прилеп, каде што годинава заврши основно образование. Особен придонес даде и наставничката по информатика и негова менторка - Гордана Јованоска, која ја препозна неговата дарба и го насочи кон програмирањето.

- Ја доживувам информатиката инспиративно, најмногу работам со програмскиот јазик C++. Пишувам код за програми преку дадени задачи. Најмногу ме привлекуваат роботиката и вештачката интелигенција (AI). Проблеми решавам на страницата mendo.mk, која е наменета за млади талентирани идни програмери - вели Благој.



Толку млад, а се занимава со сериозни проблеми на човештвото

Тој смислува решенија дури и за сериозни проблеми, како што се прашања поврзани со здравствената криза поради ковид-19. На програмски јазик се обиде да најде начин за откривање потенцијални опасни контакти на лицата заразени со болеста. Овие анализи би му користеле и на Институтот за јавно здравје. При анализа на контактите на секое заразено лице, ги означува нивните „опасни“ средби (каде што некое од двете лица не носело маска) и нивните „безбедни“ средби (каде што лицата носеле маски).

- Досега Институтот за јавно здравје знае за M лица, вкупно O опасни средби и S безбедни средби. Притоа, за секоја опасна средба помеѓу две лица Ai и Bi, тие имаат означено двонасочна врска помеѓу двете лица. Слично, за секоја безбедна средба помеѓу две лица Ci и Di, тие имаат означено двонасочна врска помеѓу нив. Сега, нив ги интересираат потенцијални опасни контакти кои не се откриени досега, па за едно лице X велиме дека е „потенцијален опасен контакт“ за лице Y доколку X<>Y, и се исполнети следните три услови:
1. X и Y немаат означена опасна средба
2. X и Y немаат означена безбедна средба
3. Постои синџир од опасни средби X -> P1 -> P2 -> … -> P? -> Y, каде што имало опасна средба помеѓу X и P1, P1 и P2, …, P? и Y -  објаснува момчето.

По ова тој пишува програма која за секое од М-те лица познати на Институтот за јавно здравје ќе го пресмета и отпечати бројот на потенцијални опасни контакти.

За Благој нема умор кога информатичките задачи се во прашање. Во периоди кога се подготвува за натпревар поминува часови вежбајќи информатика. Вели дека се потребни концентрација и логичко размислување за да се реши даден проблем.



Сонува да стане програмер кој ќе им го олесни животот на луѓето


Овој млад информатичар ќе го продолжи образованието во гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп, на насоката природно-математичко подрачје А каде што ќе има можност да ја изучува информатиката сите четири години. Во мислите го има зацртано патот и за понатаму. Ќе студира на некој од информатичките факултети.

- Моментално не размислувам да одам во странство, но доколку во иднина имам потреба за повисоко знаење, ќе размислам за таа одлука. Сѐ е можно - искрен е Благој.

Целта му е да стана програмер и да го искористи знаењето за да им го олесни животот на луѓето.

Покрај програмирањето, се разбира и од едитирање и правење видеа со звучни и визуелни ефекти. Има објавено видеа на јутјуб-каналот Rural Poetry SLAM Macedonia заедно со неговиот брат Петар Рујаноски-Стојановски, кој исто така учи и се занимава со програмирање.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема