X
 06.08.2020 Образование

Никогаш не е доцна: 96-годишен Италијанец дипломира и планира да се запише на магистерски

Џузепе Патерно сонувал да добие универзитетска диплома уште кога бил дете, додека растел во Сицилија во 30-тите години на 20 век. Но, сиромаштијата, војната и обврската да го издржува семејството го спречиле. Сега, на 96-годишна возраст, тој ја постигнал оваа цел и притоа станал најстариот апсолвент во Италија.

Патерно, кој порано работел како железничар, а учествувал и во Втората светска војна, неодамна доби диплома по филозофија од Универзитетот во Палермо.

- Мојата најголема желба беше да учам, но моето семејство не беше во можност да плати за моето образование. Бевме големо семејство и многу сиромашно - изјавил тој.


Фото: YouTube

Патерно е најстар од седумте браќа и сестри. Тој почнал да работи уште како дете, му помагал на татко си во неговата работа во пиварница во Палермо. Во 1943 г. работел како телеграфист за италијанската армија во Трапани, во текот на Втората светска војна.

По војната се вработил како железничар. Иако не бил воодушевен од својата работа, морал да работи бидејќи веќе бил женет и морал да го издржува семејството. Истовремено, имал желба да чита и учи.

Патерно добил средношколска диплома на 31-годишна возраст, од вечерно училиште. А се запишал на филозофскиот факултет на Универзитетот во Палермо во 2017.

- Се будев во 7 наутро за да учам. Користев стара машина за пишување за да ги завршам домашните задачи. Одморав попладне и навечер учев до полноќ. Моите соседи ме прашуваа зошто се мачам на оваа возраст. Но тие не можеа да го разберат значењето на остварувањето на сонот, без оглед на мојата возраст - вели Патерно.


Поради пандемијата, Патерно морал да научи да ракува со нова технологија бидејќи часовите се одржувале онлајн. Тој не сакал да се откаже иако неговото семејство било загрижено за неговото здравје. Сонот на Патерно се оствари минатиот петок, кога дипломира со посебни почести.

- Ова е еден од најсреќните денови во мојот живот. Само посакувам сопругата да беше тука да ме види. Таа почина пред 14 години - изјавил Патерно по дипломирањето.

Следниот чекор на Патерно е запишување магистерски студии.

- Мајка ми доживеа 100 години. Ако бројките и генетиката се на моја страна, тогаш имам уште четири години - вели тој.

Автор: Лорензо Тондо
Извор: theguardian.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование