Некои видови птици редовно кубат влакна од несвесни животни, но и од луѓето, за да направат постави за нивните гнезда, велат научниците. Во неодамнешна студија, тие детално го објаснуваат феноменот цитирајќи голем број на видеа од „Јутјуб“ на кои може да се види како птиците го прават тоа. Не е сосема јасно зошто косата е толку привлечен градежен материјал за птиците, но може да служи за одвраќање на предаторите или едноставно да е одличен изолатор.
За многу птици се знае дека користат влакна од цицачи за гнездата, особено за видовите од фамилијата сипки. Генерално се претпоставува дека овие птици зграпчуваат влакна што паднале од животните или од мршите. Но, истражувачот Џефри Браун, професор на Универзитетот во Илионис, еден ден снимил птица која внимателно краде прамен влакна од ракун кој спиел и не забележал.
Оваа кражба ги инспирирала Браун и неговите колеги подетално да го истражат феноменот, кој го нарекле „клептотрихија“ (kleptotrichy) - што може да се преведе како кражба на коса. Нивниот труд бил објавен минатиот месец во списанието „Еколоџи“, а во него тие го опишуваат оригиналниот инцидент, но и други кои ги откриле во последователното истражување.
Во академската литература тие нашле само 11 примери на клептотрихија спомената од страна на други научници, а во најголемиот број биле вклучени сипките. Но, кога почнале да бараат видеа на „Јутјуб“, нашле мноштво птици фатени на дело. Сè на сè, тие нашле 99 инциденти на клетотрихија извршени од птици врз луѓе, кучиња, мачки, ракуни, па дури и едно бодливо прасе. Во голем дел од тие настани биле вклучени вид на песнопојки (Baeolophus bicolor), но во два настани биле забележани сипки.
Според истражувачите, големиот број на документирани случаи посочува дека клептотрихијата може да е многу почест настан отколку што е претставено во научната литература. А зошто птиците потенцијално би си го загрозиле животот за да зграпчат некое влакно коса, останува да се истражи.
Како и да е, ова е уште еден пример за тоа колку малку ги разбираме животите на животните околу нас.
Извор:
Gizmodo
Насловна фотографија: YouTube (printscreen)