Во индиското планинско село Конгтонг постојано се слушаат звуци слични на пеењето на птиците, но тие не произлегуваат од птици, туку од селаните. Се повикуваат со пеење. Со пеење, исто така, им кажуваат на своите деца дека треба да јадат, а тоа им служи и за полесно да се најдат во џунглата. Имаат различна мелодија за секој поединец.
Оваа практика се нарекува „џингрваи лавбеи“, а значи дека секој селанец има свое музичко име, покрај неговото традиционално име.
Конгтонг е изолирано кое веќе пет века се наоѓа во планините на индиската држава Мегалаја. Селото доби електрична енергија дури во 2000 година, а до 2013 година, кога бил изграден патот, на селаните им биле потребни неколку часа пешачење за да стигнат до најблискиот град.
Локалните жители велат дека „џингрваи лавбеи“ е израз на мајчинска љубов - самиот термин во превод значи „песна на првата жена од кланот“, така што оваа практика всушност е во чест на митската жена која прва ја основала заедницата.
Конгтонг се разликува од повеќето други индиски села. Мажите го земаат името на своите сопруги, а наследството се пренесува од мајка на ќерка. Иако звучи идилично, не е. Жените немаат голема моќ во донесувањето одлуки, а машките и женските улоги се јасно дефинирани. Воспитувањето на децата е целосно женска работа, а мажите ги донесуваат повеќето од главните одлуки во селото.
Кога ќе се роди дете во Конгтонг, мајката ја одредува мелодијата за детето. Мелодија често смислува и таткото, па на крајот се избира подобрата. Секогаш постојат две верзии: пократка и подолга, која трае околу 30 секунди. Во куќата секогаш се користи пократка мелодија, а во шумата подолга. Оваа практика е делумно резултат на суеверието дека ако духот во џунглата го научи нивното име, може да им донесе болест и смрт.
Разликата помеѓу „џингрваи лавбеи“ и традиционалното име е во тоа што „џингрваи лавбеи“ е повик со љубов и почит и е единствен затоа што постои сѐ додека лицето на кое се однесува е живо.
- „Џингрваи лавбеи“ ја изразува мојата љубов и радост за моето дете - вели 31-годишната Пиндаплин Шабонг.
Не секогаш се користи музичкото име
- Ако мојот син направи нешто лошо, ако сум му лут или ако ми го скрши срцето, тогаш го нарекувам со неговото вистинско име - објаснува Ротел Конгсит, водач на заедницата.
Песните немаат посебно значење и не се користат зборови. Тие звучат како пеењето на птиците.
- Живееме во далечно село, опкружени сме со ридови и густа шума. Во постојан контакт сме со природата и сите суштества создадени од Бога. Сите суштества имаат свој идентитет. Птиците и многу други животни имаат свој начин како се довикуваат едни со други - вели Конгсит.
Времињата се менуваат
За жал, модерното време е закана за оваа традиција. Музиката од надворешниот свет влијае врз оваа практика, при што една жена го нарече своето дете по звукот од песната „Кахо На Пјар Хаи“. Сè повеќе локални жители имаат мобилни телефони, така што стана полесно да му се јават некому.
За да се зачува оваа традиција, Конгсит и другите локални жители веруваат дека селото треба да биде отворено и за надворешниот свет. Така тие изградија колиби за туристи, привлечени од оваа единствена традиција на пеење и живи мостови, кои се вообичаени во Североисточна Индија.
Фото: Screenshot/YouTube