X
 06.08.2023 Наука

Октоподите брзо ја менуваат својата РНК за да се заштитат од температурните промени

Октоподите откриле неверојатен начин за заштита на нивниот нервен систем од големи промени во температурата. Кога се менува температурата, октоподите може брзо да сменат клучни протеини во нивните нервни клетки за да ја задржат функционалноста на важни невролошки активности. Тие тоа го прават со промена на нивната РНК, а таа способност ја имаат и некои видови лигни и сипи.

- Генерално мислиме дека нашите генетски информации се фиксни, но околината може да влијае врз начинот на кој ги шифрирате протеините, а кај цефалоподите тоа се случува во голем обем - изјавил морскиот биолог Џошуа Розентал од Универзитетот во Чикаго.

Луѓето, исто така, можат да ги сменат генетските информации поврзани со целта за преживување, но тоа најчесто се случува полека и низ повеќе генерации. Кај цефалоподите работите се различни. Брзата промена на својата РНК можеби е причина за интелигенцијата на овие животни, според одредени научници.

Во ново истражување научници ја тестирале оваа способност на октоподите при промена на температурата во лабораториски и реални услови. Било забележано дека октоподите може да ги направат потребните промени за да се адаптираат на нови температури за само неколку дена, иако биле забележани значителни промени дури и во првиот ден.

Било заклучено дека адаптирањето на околинските услови е барем една функција на промената на РНК кај цефалоподите. Истражувачите претпоставуваат дека октоподите ја менуваат својата РНК и во други ситуации и планираат да го истражуваат тоа во детали.

Извор: Science alert
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука