X
 27.01.2023 Наша тема

Ова е една од најлошите ски-сезони, носевме снег од околината за да приспособиме еден полигон за обука на дечињата, вели инструкторот Бојан Серафимовски

Годинава сите нѐ изненади доцнењето на ски-сезоната, но не само во Македонија, туку слободно може да се каже и на целиот Балкан, дури и на многу атрактивни дестинации во Европа. И европските центри се соочија со недостиг на снег и мораа да ги затворат центрите бидејќи не беа во можност да произведуваат вештачки снег поради високите температури, вели ски-инструкторот Бојан Серафимовски

Доцнењето на снегот, високите температури, отсуството на снегот на некои ски-центри, неповолните услови за скијање годинава ја нарушија целата ски-сезона во земјава. И може да се прогласи за убедливо најсиромашна со снег и најсушна година.

- Годинава сите нѐ изненади доцнењето на ски-сезоната, но не само во Македонија, туку слободно може да се каже и на целиот Балкан, дури и на многу атрактивни дестинации во Европа. И европските центри се соочија со недостиг на снег и мораа да ги затворат центрите бидејќи не беа во можност да произведуваат вештачки снег поради високите температури. Но да се навратиме кај нас и да напоменеме дека ние уште сме зависни 100 отсто од природата затоа што сѐ уште немаме систем за вештачко оснежување. По најновите случувања со ски-центарот Попова Шапка, се надеваме дека ќе се реши и тој проблем - ни сподели ски-инструкторот Бојан Серафимовски.



Со пренесување снег од околината - приспособен еден од полигоните за обука

И децата, клубовите, ски-инструкторите и ски-центрите се во голема загуба сезонава.

- Кога сме кај децата и колку тие губат со пролонгирањето на ски-сезоната, би рекол многу. Прво, губат што не можат да направат подготовки, редовни и постепени, за натпреварите што следуваат оваа година. Ние како клуб и како школа имавме втор план - нашите натпреварувачи да ги носиме на најблиските дестинации, како Копаоник, но се откажавме и од таа намера. Затоа што, како што напоменав, нема доволно услови за тренирање на снег и капии и на другите ски-центри што работат со оснежување на патеки, кои се само за основни почетници во скијањето. Ние од ски-школата „Љуботен“ сметаме дека оваа сезона ќе биде една од полошите за нашата школа, а воедно и за натпреварувачкиот дел - споделува Бојан.



Лани во текот на зимскиот распуст ски-школата „Љуботен“ имаше направено обука на 200 до 250 деца за распустот, а вкупниот број за ланската сезона изнесуваше 500 дечиња за 58 дена на снег, вели Бојан.

- Лани имавме големи успеси и во натпреварувачкиот сегмент. Тимур Абдулахи од ски-школата „Љуботен“ беше во генерален пласман прогласен за најдобар скијач за сезона 2021/2022 година во категоријата на У8 со освоени најмногу први места во натпреварувањата во слалом и велеслалом. Оваа сезона веќе успеавме да приспособиме еден од полигоните да биде функционален и веќе минатиот викенд почнавме со обука. Сакам да им се заблагодарам на ски-учителите од ски-школата „Љуботен“ поради тоа што носејќи снег од околината, успеавме да приспособиме барем еден од полигоните за обука, а со тоа и да им овозможиме услови на дечињата да можат преку забава да учат да скијат. А со тоа и да доаѓаат на планина и да се подобри нивната физичка и здравствена состојба. Очекуваме снегот набрзо да ни пристигне и апелираме до одговорните на ски-центрите да обезбедат доволно услови за организирање безбедно скијање на ски-патеките, како и на полигоните за деца почетници - ни изјавува нашиот соговорник Бојан.



Сушна натпреварувачка сезона

И сноубордерката Марија Петковска го потврдува фактот дека оваа сезона е најсиромашна со снег во последните 30 години, според достапните статистики.

- Јас не се ни се сеќавам на јануари без снег на Пелистер или низ Битола. Услови за скијање на Нижеполе и на Копанки, за жал, оваа сезона сѐ уште нема. Во однос на клупските активности, од пред пет сезони се префрлив од ССНЛ - Битола ( Ski and Snowboard no limits) во ХМКД (eXtreme MKD) клубот од Скопје, поради присилно менување на управниот одбор на ССНЛ кој со тоа почна да дејствува во приватен интерес и престана да дејствува во полза на нас, атлетите, кои носевме места и поени за него. ХМКД како клуб отсекогаш функционирал во алпски дисциплини на сноуборд, па со моето приклучување го проширивме клубот да дејствува дополнително во фристајл дисциплините и со тоа сега ги опфаќаме сите сноуборд-дисциплини - споделува Марија.



Тоа што до крајот на јануари немавме снег на домашен терен не ги спречи во подготовките, па тренинзите на снег главно ги одржуваат во Австрија.

- Дополнителни суви тренинзи имаме во текот на целата година, кои вклучуваат тежински и кондициони тренинзи, координациони тренинзи и функционални тренинзи за подвижност и еластичност. Најново вклучивме и тренинзи по методот на АТГ со цел сеопфатна подготовка. Секако, практикуваме и други разни спортови за разонода, кои исто така придонесуваат за нашата физичка и ментална подготовка. Во однос на натпреварите, на домашен терен, на Пелистер, се одржува само Пелистерски куп, кој не е во рамките на ФИС натпреварите, односно на Меѓународната скијачка федерација. Додека, пак, на државно ниво, секоја година има Национално првенство, воедно истото е и ФИС-натпревар, а се одржува на Попова Шапка или Маврово. Генерално секогаш се во периодот февруари - март, па мислам дека нема да има никакви одложувања. На натпревари сме активни низ цел Балкан и пошироко, колку што дозволуваат финансиите, со оглед на тоа што од федерација најмалку финансии се одделуваат за сноуборд - споделува Марија.

Иако годинешната ски-сезона за нас како клуб е веќе започната, тоа што допрва ќе почне на домашен терен секако дека ни отежна во подготовките во некој поглед, дополнува таа.



- Сепак, во однос на фристајл дисциплините, на домашен терен немаме сноупарк каде што би возеле и тренирале, затоа и не е толку значајно за конкретните потребни тренинзи од натпреварувачки аспект. Краткорочни планови ни се да оствариме што повеќе денови на снег и што повеќе време на терен кој е соодветен за наш напредок и со тоа да го добиеме максимумот од оваа сушна „натпреварувачка“ сезона - истакнува Марија.

Таа е лиценциран сноуборд-инструктор и во слободно време држи обуки. Минатата година на Нижеполе, но поради сушната годинашна сезона, обуки држи на Маврово.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема