Онаму каде што некогаш стоеле топови, сега има јаболкници: трансформацијата на еден од најголемите германски бункери во Хамбург, со нови паркови и рекреативни области, отвора ново поглавје за зградата од нацистичката ера.
За жителите на областа Санкт Паули, промената првенствено е визуелна. На врвот на сивата петкатница, сега се засадени дрвја. Околу зградата е изградена патека за пешаци, која посетителите ги води до нејзиниот врв.
Во јули во бункерот беше отворен хотел со 134 соби, со простор кој може да прими 2.000 гледачи, како и соби отворени за локалните здруженија.
- Идејата за збогатување на просторот со зеленило беше да се додаде нешто пацифистичко и позитивно на оваа масивна зграда од времето на нацистичката диктатура - рече Анита Енгелс, една од лидерите на здружението „Хилдегарден“, одговорно за проектот.
Бункерот „Санкт Паули“ е висок речиси 40 метри, надворешните ѕидови се широки 2,5 метри, а покривот е зајакнат со 3,5 метри армиран бетон. Тој е еден од осумте комплекси за воздушна одбрана што Хитлер ги изградил на територијата на Третиот Рајх.
- Нивната цел била да го искористат опсегот на нивните топови за заштита на административниот округ во Берлин, пристанишните инсталации во Хамбург и историскиот центар во Виена кој на Хитлер му бил особено драг - објаснува историчарот Мајкл Фодровиц.
Извор:
Punkufer.dnevnik.hr
Фото:
Instagram