Соочен со рекордно ниска стапка на наталитет и брзо стареење на населението, Сингапур планира во следните пет години да прима меѓу 25.000 и 30.000 нови државјани годишно, со цел да ги одржи растот на населението и економската стабилност.
Заменик-премиерот Ган Ким јонг предупреди дека без интервенција, бројот на државјани во Сингапур би можел да почне да се намалува уште во почетокот на 40-тите години. Тој нагласи дека ниската стапка на раѓања и стареењето на населението ќе го преобликуваат Сингапур, како и неговото општество и економија во наредните години.
Промената на овој демографски тренд станува сè потешка бидејќи бројот на жени во репродуктивна возраст продолжува да се намалува.
Последните статистики ја покажуваат сериозноста на падот: вкупната стапка на фертилитет во Сингапур се намалила од 1,24 пред една деценија на историски минимум од 0,87 во 2025 година. Овој тренд доведе стапката првпат да падне под 1,0 во 2023 година (0,97), а истото ниво се задржало и во 2024 година.
Во 2025 година во Сингапур се регистрирани околу 27.500 раѓања, што е најмал број во историјата на земјата. За илустрација, сегашната стапка на фертилитет значи дека на секои 100 жители денес, во следните генерации ќе има само 44 деца и 19 внуци.
За да се справи со овие демографски предизвици, Ган нагласи дека е потребен внимателно управуван прилив на имиграција кој ќе ја компензира ниската стапка на раѓања, а истовремено ќе го зачува стабилното јадро на државјани и ќе спречи преголем притисок врз инфраструктурата, како што се домувањето и транспортниот систем.
Според податоците од јуни 2025 година, вкупното население на Сингапур достигнало 6,11 милиони
Стратегијата на владата предвидува зголемување на бројот на одобрени државјанства и постојан престој. Сингапур очекува да прима меѓу 25.000 и 30.000 странци годишно во следните пет години.
Тоа е зголемување во споредба со 25.000 државјанства доделени во 2025 година, што го зголемило бројот на државјани за 0,7 отсто, како и над историскиот просек од 21.300 доделени државјанства годишно во периодот 2020-2024.
Бидејќи државјанството е тесно поврзано со статусот на постојан престој, земјата планира да прима и околу 40.000 нови постојани жители годишно во следните пет години, во споредба со 35.000 одобрени во 2025 година.
- Ќе мораме да го приспособиме и бројот на нови постојани жители бидејќи постојаниот престој е патот кон добивање државјанство - додаде Ган.
Според податоците од јуни 2025 година, вкупното население на Сингапур достигнало 6,11 милиони, што е раст од 1,2 отсто во споредба со 2024 година, главно поради зголемувањето на странската работна сила. Населението се состои од 3,66 милиони државјани, 0,54 милиони постојани жители и 1,91 милион лица без постојан престој.
Извор:
E.vnexpress.net
Фото: Freepik