Само во текот на оваа година Гренланд изгуби доволно мраз за да се подигне просечното глобално ниво на морето за повеќе од милиметар. Научниците велат дека се вџашени од брзината на топење, како и дека стравуваат за градовите што се наоѓаат на брегови.
Еден глечер во јужен Гренланд се намалил за 100 метри откако последно бил снимен во 2004 година.
Зошто е важен Гренланд?
Во суштина затоа што ледената прекривка на Гренланд е седумпати поголема од површината на Велика Британија. Некои делови се дебели по два-три километри. Кога целосно би се стопил, би го подигнал глобалното ниво на морето за цели седум метри.
Никој не тврди дека тоа би можело да се случи во наредните стотина или илјада години, но и малото зголемување во стапката на топење во наредните децении би можело да загрози милиони луѓе што живеат на ниски надморски височини.
Бангладеш, Флорида и источна Англија се само некои од многубројните области што се загрозени од подигнувањето на нивото на морето во последниот век.
И покрај тоа што островот Гренланд е оддалечен, се протега од северот на Атлантикот високо кон Арктикот, неговата судбина може да има големо влијание врз обемот на поплавите со кои ќе се соочиме во иднина - може да го промени изгледот на крајбрежјето низ целиот свет и да го присили населението да се пресели подлабоко на копно.
Доктор Џејсон Бокс
Еден од научниците што ја проучуваат ледената прекривка, доктор Џејсон Бокс од Геолошкиот завод на Данска и Гренланд, вели дека го вознемирува потенцијалната опасност и дека луѓето што се занимаваат со планирање во глобалните градови мора да бидат подготвени.
- Сега, кога почнав подобро да ги сфаќам последиците, всушност, навечер не можам да спијам бидејќи ја разбирам важноста на ова место за остатокот од светот и влијанието што може да го има - вели Бокс.
Колку се топи Гренланд?
До неодамна ледената површина генерално беше во состојба на рамнотежа - количината снег што паѓал во зима била речиси иста како и количината мраз што се топел во текот на летото. Минатата година мразот дури и успеал да ја надмине оваа количина, но тоа е релативно необично. Во последните 30 години, деценија по деценија, Гренланд го губи мразот.
Или мразот од површината се топи - што испраќа многу вода во блиските мориња, или огромни парчиња мраз се отцепуваат и пловат.
Изминатите години Гренланд изгуби стотици милијарди тони мраз - грубата пресметка вели дека за влијание врз нивото на морето потребно е да се стопат 362 милијарди тони мраз за нивото на океанот да се зголеми за околу еден милиметар.
Фото: BBC
Тоа не звучи многу, но во 2012 година вкупната загуба на мраз беше 450 милијарди тони, а овогодишното затоплување е на добар пат да произведе исто толку или повеќе, додека научниците сугерираат дека може да го подигне нивото на морето за 2 милиметри.
Доктор Бокс вели дека врз мразот на Гренланд влијае и зголемувањето на просечната температура што неодамна беше забележана.
- Тоа практично е „смртна пресуда“ за ледената прекривка на Гренланд. Како што поминува времето, очекуваме температурата да се зголемува. Значи, ќе го изгубиме Гренланд - само е прашање колку брзо - вели тој.
Бокс ги собира податоците од последните читања, а тие покажуваат дека само ова лето глечерот се намалил за околу девет метри.
Што се случува со самиот мраз?
Иако Арктикот го замислувате како пејзаж со беспрекорна белина, шокантно е колку валкано изгледа оваа површина. Кога одите, ви се чини како да сте слетале на Месечината.
Фото: ВВС
Постојат многу големи бледо сиви области и помали делови што се многу потемни, покриени со нешто што личи на кал или тиња - мрачна и прилично депресивна глетка. Некогаш се сметаше дека овие темни делови се предизвикани главно од мешавина на прашина и честички од загадувањето што ги носат ветровите од далечните електрани и индустриски центри. Но, неодамна научниците дошле до важно откритие дека најголемата причина за ова потемнување е всушност од биолошка природа - алгите, микроскопски ситни растенија, почнаа да цветаат на мразот што се топи.
Површината покриена со сиво или црно, за разлика од вообичаеното сјајно бело, впива повеќе сончева светлина. Тоа го забрзува затоплувањето и со самото тоа доведува до дополнително топење.
Фото: BBC
Кој се обидува да сфати што се случува?
Затоа што влијае врз животите на милиони луѓе низ светот, Гренланд стана центар на огромни меѓународни истражувања кои вклучуваат сателити, извиднички летови и експедиции. Американската вселенска агенција НАСА водеше проекти што го истражуваат топењето на мразот, како и што може да се случи со него во иднина.
Во 2005 година еден тим откри дека движењето на ледената маса се забрзува во текот на летото бидејќи стопената вода од површината го пробива дното на мразот и му помага полесно да се лизга.
Фото: BBC
Друго истражување открива дека мразот не се топи само од воздухот додека се загрева атмосферата, туку и од потоплата вода што навлегува под глечерот. Еден научник на НАСА вели дека ова има ист ефект како мразот да е под фен за коса додека стои над шпорет.
Најголем предизвик за научниците е разбирањето на механизмите на ледената прекривка за да можат со сигурност да го предвидат растот на нивото на морето.
Д-р Масаши Нивано, истражувач од Јапонската метеоролошка агенција, собира податоци што треба да ги поддржат неговите компјутерски симулации за однесувањето на мразот.
- Масата на ледената прекривка се намалува - тоа е сигурно. А тие резултати влијаат врз глобалното покачување на нивото на морето - што е исто така сигурно. Но, можеби постојат неколку физички процеси што не ги разбираме - вели тој.
Што велат жителите на Гренланд?
На Гренланд живеат околу 56.000 Гренланѓани во заедници изградени на тесниот појас на земјата на работ од ледената прекривка. Во селото Нарсак, Кристијан Мортенсен вели дека глечерот кој бил видлив додека тој бил млад во меѓувреме се повлекол и дека сантите мраз сè почесто се отцепуваат.
Потоплите услови овозможуваат развој на земјоделството, но за некои млади Гренланѓани климатските промени се сериозна причина за загриженост, делумно поради влијанието на мразот врз другите области на планетата.
Нају-Терезија Хег, која штотуку го заврши училиштето, била инспирирана од шведската активистка Грета Тунберг да почне климатски штрајк во нејзиниот роден град Какорток, прекрасно пристаниште со куќи во живописни бои.
Таа го опишува патувањето со брод до работ на ледената прекривка, кое било и прекрасно и застрашувачко, како денот кога сфатила колку вода може да се стопи.
Фото: ВВС
- Сето тоа завршува во нашите води, во морето, во остатокот од светот и ако продолжи, еден ден ќе ја покрие цела земја - вели таа. Нејзината пријателка Каролина Хартман Хансен исто така стравува од последиците од неконтролираното топење на мразот.
- Тоа е наша вина, сите сме одговорни - вели таа.
Дали може да се направи нешто?
Ако се точни пресметките на Џејсон Бокс и неговите колеги, постои можност ледената прекривка веќе да го преминала прагот во ера во која можеби сè уште постојат години што ќе донесат нето-добивки од мразот - како на пример минатата година.
Дури и ако се намалат емисиите на гасови од глобалното затоплување, стапката на топење на мразот во Гренланд сè уште може да продолжи да расте - иако можеби побавно.
Како и младите борци за климатските промени од Гренланд, и научниците чувствуваат потреба сами да направат нешто во врска со ова прашање. Тие почнале програма што ќе се обиде да апсорбира дел од јаглеродниот диоксид што се ослободува поради летовите кога експертите доаѓаат да спроведуваат истражувања.
Во близина на аеродромот во Нарсарсуак истражувачите засадуваат 6.000 садници на сибирски ариш, вид дрво за кое е познато дека успева во такви услови.
Научниците велат дека 10 од овие дрвја ќе треба да растат 60 години за да го апсорбираат јаглеродот произведен од повратен лет од Лондон до Сан Франциско, но велат дека тоа сепак е почеток.