X
 27.02.2022 Наука

Домашните миленици можат да ја зголемат моќта на вашиот мозок

Чувањето домашно милениче може да го одложи губењето на меморијата, покажа новото истражување.

Чувањето домашно милениче е особено корисно за работната вербална меморија, како што е меморирање листа со зборови, според прелиминарното истражување.

- Според нашите сознанија, нашата студија е првата што го разгледа ефектот на времетраењето на чувањето домашно милениче врз когнитивното здравје - изјави авторката Џенифер Еплбаум, кандидат за доктор по социологија и професор на Националниот институт за здравство на Универзитетот во Флорида.

И не се само мачките и кучињата тие што можат да го зајакнат мозокот. Луѓето што биле дел од истражувањето се грижеле и за зајаци, 'рчаци, птици, риби и влекачи, вели Еплбаум, иако најзастапени биле кучињата, а потоа мачките.

Чувањето домашни миленици пет години или повеќе дало најголема корист, одложувајќи го когнитивниот пад за 1,2 поен во текот на шестгодишниот период на студијата во споредба со стапката на опаѓање кај луѓето без миленичиња, рече клиничкиот невроимунолог д-р Тифани Брејли, вонреден професор за неврологија на Универзитетот во Мичиген.

- Овие наоди даваат докази дека долгорочното поседување милениче може да понуди заштита од когнитивното опаѓање - рече Брејли, постар автор на студијата што ќе биде претставена во април на 74. годишен состанок на Американската академија за неврологија.

Зошто чувањето милениче повеќе од пет години има најпозитивно влијание?

Студијата, која покажа само поврзаност, а не директна причина и последица помеѓу поседувањето домашно милениче и спознавањето, не беше во можност да одговори на ова прашање. Сепак, претходните студии укажаа на негативните ефекти на стресот врз здравјето на мозокот, особено хроничниот стрес.

- Претходните истражувања идентификуваат асоцијации помеѓу интеракциите со домашните миленичиња и физиолошките мерки за намалување на стресот, вклучително и намалување на нивото на кортизол и крвниот притисок, што може да има влијание врз когнитивното здравје - вели Брали.

Може да има и мноштво други придобивки за мозокот од чувањето домашно милениче, како што се социјално дружење и чувство за должност и цел, велат експертите.

милениче
Фото: Freepik

- Когнитивниот ангажман, социјализацијата, физичката активност и чувството за цел можат одделно, или уште повеќе во комбинација, да ги решат клучните ризик-фактори за когнитивно опаѓање и Алцхајмерова болест - вели д-р Ричард Исаксон, директор на Клиниката за превенција на Алцхајмеровата болест во Центарот за здравје на мозокот на Медицинскиот колеџ „Шмит“ на Универзитетот Флорида Атлантик, кој не бил дел од студијата.

Работна меморија


Студијата анализирала когнитивни податоци на повеќе од 1.300 возрасни лица што учествувале во Студијата за здравје и пензионирање, национално репрезентативно истражување кое ги следи животите на Американците на возраст од 50 години и постари.

Секој со когнитивен пад на почетокот на студијата бил исклучен од анализата. Во последниот примерок, над 53 отсто чувале домашни миленици. Сопствениците на домашни миленици имаат тенденција да бидат со повисок социо-економски статус, што исто така може да биде причина за придобивките: Експертите велат дека луѓето со повеќе приходи имаат поголема веројатност да посетуваат лекари и да се грижат за своето здравје.

Дали ова значи дека треба веднаш да посвоите домашно милениче? Не мора, велат експертите. Исто така, истражувањата покажаа дека сопствениците на домашни миленици можат да бидат осамени, депресивни и да имаат хронични состојби.

- Не препорачуваме чување домашно милениче како терапевтска интервенција. Сепак, препорачуваме луѓето кои имаат миленичиња да бидат поддржани во нивното чување преку јавна политика и партнерства во заедницата - рече Еплбаум.

Извор: CNN
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука