X
 06.10.2018 Живот

Парична казна за кражба на морска вода

Направивте базен или купивте аквариум и сакате да го наполните со морска вода? Внимавајте од каде ја земате водата.

Еден Германец минатата недела на плажа во близина на Трст во својот камион ставил 24.000 литри морска вода, но полицијата го фатила по дојава на граѓаните и го казнила со 1.549 евра, а „украденото“ море морал да го врати во Трстјанскиот залив.

Во текот на испитувањето Германецот признал дека сакал да ја пренесе морската вода во Германија за потребите на еден аквариум со морски риби.

Од хрватското министерство за поморство, сообраќај и инфраструктура објаснуваат дека ваквиот случај би се третирал како користење на поморските добра без издадена концесија за стопанско користење. Казните за такви случаи во Хрватска изнесуваат од 30.000 до 100.000 куни (од 4.000 до 13.500 евра) за правно лице и од 15.000 до 100.000 куни (од 2.000 до 13.500 евра) за физичко лице.

- Нема пропис кој би ја одредил цената на морската вода. Имено, со оглед на тоа дека за стопанско користење на поморските добра, во кои спаѓа и морската вода, е потребна концесија, која се дава врз основа на јавно наддавање, со истата би се утврдиле и најниските износи за концесиски надомест за земање морска вода - објаснуваат од хрватското министерство.

Значи, цената за кубик вода е одредена со концесиски договор, кој може да се склопи за туристички или аквакултурни цели. Така, сите големи аквариуми што имаат морска вода поседуваат и состав за измена на морската вода споен со морето.

Но, Драган Брниќ, сопственик на аквариум, вели дека големите аквариуми во Прага и во Будимпешта имаат морски организми во вода која воопшто не е морска.

- Идеалниот морски аквариум не е оној со морска вода, туку оној со солена дестилирана вода во затворен состав. Морето е жив организам - вели Брниќ.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот