X
 20.11.2018 Живот

Хрватска подготвува ригорозни казни - одземање на возачка дозвола за минување на црвено

Ако со возилото поминете на црвено, ќе останете без возачка дозвола. Ако на автопат возите 50 километри на час побрзо од дозволеното, може да минете два месеца в затвор. Иста казна може да ве снајде и ако сте поминале на повеќе црвени светла по ред. Ако повеќе пати сте возеле во погрешна насока или повеќе пати сте одбиле алкотест, ќе ви биде одземен автомобилот... Ова се само дел од рестриктивните мерки предложени од страна на хрватското министерство за внатрешни работи во новите предлог-измени на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата.

Хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ неодамна ги најави порестриктивните мерки, а целта е да се намали бројот на несреќи и смртни случаи на сообраќајниците.

Сепак, некои луѓе се сомневаат дека тоа ќе се постигне со вакви брутални казни. Предлагачите на измените тврдат дека со оглед на зачестеното кршење на прописите, потребно е зголемување и усогласување на тежините на санкциите за возачите да се одвратат од кршење на прописите. Тоа, како што заклучуваат одредени медиуми, значи дека во хрватското МВР бројот на сообраќајните прекршоци може да се намали само со репресија.

Измените, според хрватските медиуми, би требало да стапат во сила набрзо. Можеби уште на почетокот од следната година.

Доколку се усвојат измените, за секое поминување на црвено, без разлика дали тоа е во првата секунда од палењето или во десеттата, следува одземање на возачката дозвола на еден месец - ако тоа му се случува првпат на возачот. Се плаќа и парична казна од три до седум илјади куни (илјада куни се околу 135 евра). Со оглед на тоа дека според предлог-измените на законот и фотографијата се смета за доказ во прекршочната постапка, доволно е минувањето на црвено да биде снимено од камерите.

Доколку во населено место возат 50 километри на час побрзо од ограничувањето, првиот пат хрватските возачи ќе немаат возачка дозвола шест месеци и ќе мора да платат казна меѓу 10 и 20 илјади куни, а ќе добијат и шест негативни бода. Ако, пак, возат од 30 до 50 километри на час побрзо од пропишаното, паричната казна е меѓу три и седум илјади куни. Без возачка дозвола на минимум три месеци може да останат ако не застанат на барање на полицијата.

Се предлага одземање на автомобилот на возачот кој најмалку двапати правосилно е казнет за возење во погрешна насока, оној што одбил алкотест, возел, а возачката му била одземена, во крвта му биле измерени меѓу 0,5 и 1,5 промил, за возење во населено место 50 километри на час побрзо од дозволеното. Колку долго би им биле одземени возилата на ваквите возачи, сè уште не е познато.

Два месеца ќе бидат без дозвола и ако претекнуваат возило кое застанало пред пешачки, а еден месец доколку заобиколуваат железничка рампа. Но, само ако им е првпат да го направат прекршокот. Доколку го напуштат местото на несреќата, хрватските возачи ќе бидат без дозвола половина година. Ако, пак, на место на несреќа одбијат тестирање на алкохол или опојни дроги, дозволата се одзема на шест месеци, а предвидена е и парична казна меѓу 10 и 20 илјади куни. Истата казна за овој прекршок е и ако го направат тоа при рутинска контрола на полицијата.

На удар на новиот закон ќе се најдат и оние што им го даваат својот автомобил на други лица и подоцна одбиваат да кажат кој го возел возилото во случај на прекршок или, пак, даваат лажни податоци.

Фото: Pixabay

Хрватското МВР предлага и новости за оние што возат по автопатиштата.

Така, се предлага зголемување на максималната брзина на возење од 130 на 140 километри на час. Со оглед на тоа дека се смета толеранција од десет отсто на измерената брзина и уште десет отсто на мерниот уред, без казна по хрватските автопати би можело да се вози со максимални 164 километри на час. Но, ако на автопатот се вози со 50 километри на час над дозволеното, на возачите им се заканува парична казна од 15 до 50 илјади куни или два месеца затвор.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот