X
 22.09.2019 Живот

„Љубовниците од Модена“ биле мажи

Античките костури што на северот од Италија беа пронајдени закопани држејќи се рака под рака и кои низ цел свет се познати како „Љубовниците од Мондена“, всушност, биле мажи, покажаа испитувањата.

Древните костури се откриени во 2009 година во Модена, а посмртните останки датираат од периодот меѓу 4 и 6 век од новата ера и биле во толку лоша состојба, што се мислело дека е невозможно да се одреди нивниот пол, па според положбата на костурите се претпостави дека во заедничката гробница има маж и жена.

Меѓутоа, новата технологија со која се проучуваат протеините од забната глеѓ им овозможила на научниците од Универзитетот во Болоња да докажат дека станува збор за костури на двајца мажи.

- Успеавме да ги одделиме протеините од забната глеѓ на двата костура и со сигурност да кажеме дека се од машки пол - објавија 20-мина научници вклучени во проектот.

Фото: Noizz

Научниците нагласија дека е невозможно да се одреди сексуалната ориентација на луѓето чии костури ги проучувале, наведувајќи дека тие можеби биле пријатели, браќа или соборци.

- Иако не можеме да ја исклучиме можноста тие да биле љубовници, не е веројатно луѓето што ги погребале да покажат таква близина, поврзувајќи ги нивните тела и ставајќи им ги рацете една во друга - наведуваат научниците.

Во времето на Јустинијан, во Источното Римско Царство меѓу 527 и 565 година истополовите односи се сметале за криминал.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот