Италијански скијачки центар се обидува да стане првиот во Европа што ќе ја забрани пластиката откако откри дека глечер во близина содржи значително количество микропластика.
Употребата на пластични шишиња, торби, прибор за јадење, плочи, сламки, чаши и кесички беше забранета кога се отворија скијачките патеки на „Пејо 3000“, мало одморалиште во Вал и Сол, Трентино, во текот на декември, а ќе бидат донесени и други мерки во текот на скијачката сезона.
Одморалиштето, кое привлече 137.000 скијачи минатата зима, има три планински колиби кои повеќе не располагаат со предмети од пластика.
- Ова е прв дел од проектот чија цел е да го направи скијачкиот центар најодржлив на Алпите - вели Фабио Сако, генерален директор на центарот.
Фото: Getty Images
Овој потег беше поттикнат од истражувањето на научниците од Универзитетот во Милано и Универзитетот Милан-Бикока во април, кое открило дека површината на глечерот Форни, еден од најголемите глечери во долината на италијанските Алпи, содржи пластични честички, вклучително и влакна и полиетилен.
Научниците веруваат дека честичките на глечерот Форни потекнувале од облеката и опремата на посетителите и можеби биле транспортирани таму од струи на ветер.
- Ако пластичните предмети стигнат до планините, тие ќе останат таму долг период, дури и децении, и ќе се претворат во еколошка и здравствена штета што ќе влезе во синџирот на исхрана. Проектите чија цел е да ја ограничат употребата на пластични производи се и тоа како потребни. Тие треба да се применуваат насекаде на Алпите - изјави Кристијан Казарото, научник за глечери од Музејот за природни науки во Тренто.
По првичниот чекор ски-центарот „Пејо 3000“ ќе работи на елиминирање на производи што произведуваат значителна количина микропластика - во јануари ќе ја отстрани пластиката од еднодневните ски-билети. Исто така, ски-центарот планира да ги подобри собирањето на отпадот, рециклирањето и употребата на енергија.
Пошироката долина користи обновлива енергија преку три мали хидроцентрали, додека домовите, хотелите и јавните згради се топлат со помош на систем за греење на дрва што се „храни“ со отпадоци од локалните шумски операции.
- Размислуваме за
околината, влијанието врз идните генерации, но и конкурентноста на нашата територија. Одржливоста е предност што мора да ја развиваме и мора да бидеме сериозни во однос на она што го правиме, наместо да ветуваме без да преземеме цврста акција - вели Сако.