X
 08.09.2018 Здравје

Околу 1,5 милијарда луѓе во светот мора да го сменат животниот стил

Недоволното вежбање е глобален проблем. Во светот околу 1,5 милијарда луѓе се изложени на ризик од хронична болест поради ниското ниво на физичка активност, покажува новиот извештај на Светската здравствена организација.

Препорачаните упатства за физичка активност на СЗО се прилично блиску до оние утврдени од центрите за контрола на болести: здравите возрасни лица треба да вежбаат најмалку два и пол часа со умерен интензитет - или 75 минути интензивно активно вежбање - неделно, плус барем два дена за зајакнување на мускулите.

Новиот извештај покажа дека во светот 32 отсто од жените и 23 отсто од мажите не вежбаат доволно, дури и кога е земено предвид времето поминато на прошетка или во возење велосипед до работа и физичката активност на работното место.

Ова особено се однесува на богатите земји, вели СЗО: речиси 40 отсто од возрасните во САД и 36 отсто од возрасните во Велика Британија имаат седентарен начин на живот.

stil
Фото: Unsplash


Овие стапки на вежбање не се подобрени од 2001 година. Тие дури и се влошија во богатите земји како САД и Германија, земјите од Латинска Америка - Бразил и Аргентина и во некои делови од Карибите.

- За разлика од другите големи глобални здравствени ризици, нивото на недоволна физичка активност во просек не опаѓа низ светот, а повеќе од една четвртина од сите возрасни не ги достигнуваат препорачаните нивоа на физичка активност за добро здравје - вели д-р Регина Гутхолд.

Оваа растечка неактивност е загрижувачка затоа што го зголемува ризикот од срцеви заболувања, мозочен удар, висок крвен притисок, холестерол и зголемена телесна тежина. Низ светот постојат варијации во нивоата на физичка активност. Само 6 отсто од жителите на Уганда и Мозамбик имаат седентарен начин на живот, така што овие земји се најактивни во светот.

Во Кувајт, Саудиска Арабија, Американска Самоа и во Ирак повеќе од 50 отсто од возрасните не вежбаат доволно. Генерално, жените се далеку помалку активни од мажите, освен во Источна и Југоисточна Азија.

Недоволното вежбање го зголемува ризикот за кардиоваскуларни болести, дијабетес тип 2, деменција и разни видови рак. За да ги задоволите минималните упатства за фитнес од СЗО, треба да вежбате во просек околу 30 минути дневно. Пет дена правење аеробни вежби со умерен интензитет, како и 30-минутна прошетка со брзо одење или возење велосипед се доволни за задоволување на аеробните упатства.

Исто така, треба да имате двапати неделно тренинг што вклучува кревање тежина, бидејќи овие активности се најдобар начин за зајакнување на коските и на мускулите. Ако ова звучи многу, тогаш можете да ја добиете неделната доза со брзо вежбање, на пр., трчање и пливање. Потребни се само 75 минути од овој тип физичка активност неделно за да ги исполните упатствата.

Ако имате седентарен начин на живот, тогаш ќе биде потребно да вежбате повеќе отколку минималните упатства. Во суштина, треба да го дуплирате препорачаниот минимум и да вежбате од 60 до 75 минути дневно.  

Иако звучи многу, сепак, тоа е еден од најефикасните начини за трансформирање на вашето физичко и ментално здравје.

Кога ќе ги разгледате придобивките од вежбањето, значително намалување на ризикот од разни болести, на депресијата и вознемиреноста, вреди да се посвети време.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје