В понеделник, 15 јули, инженерите во индискиот национален вселенски аеродром во Шрихарикота ќе ја испрати својата сонда „Шандрајан-2“ во орбитата околу Земјата. Станува збор за најамбициозната вселенска мисија за оваа нација. Неколку дена вселенското летало од четири тона ќе маневрира над нашата планета пред да замине на Месечината.
Поминаа точно 50 години откако астронаутите на „Аполо 11“ го направија своето историско патување до Месечината. Сега, „Шандрајан-2“ ќе го повтори патувањето иако по малку поинаква траекторија. Откако леталото ќе влезе во Месечевата орбита, ќе го спушти роверот „Викрам“ на површината на Месечината, близу нејзиниот јужен пол. Потоа, роботот-ровер „Прагјан“ ќе биде испратен. Во текот на наредните две недели роверот ќе го анализира хемискиот состав на почвата и на карпите.
Но, индискиот вселенски брод нема да биде сам на површината на Месечината. Кинескиот „Чанг'e-4“ веќе функционира беспрекорно уште од неговото слетување во јануари. Неговото пристигнување подоцна беше проследено со појавувањето на „Берешит“, сонда изградена од израелската непрофитна организација „Спејсил“. Таа стигнала на Месечината во април. Оттогаш, „Спејсил“ најави дека планира да испрати уште една.
Истовремено, САД ветија дека ќе формираат Месечеви лаборатории во блиска иднина, додека и Европа и Русија ги открија плановите за лансирање сложени мисии.
Одеднаш сите се упатени кон Месечината. Зошто? Зошто одеднаш главниот сателит на Земјата е толку популарен? По историската мисија на Нил Армстронг и Баз Олдрин во јули 1969 година, јавниот и политичкиот интерес за идните вселенски летови за брзо време исчезна. Веќе заглавена во скапата војна во Виетнам, американската влада ја напушти програмата „Аполо“. Одлуката ги разочара научниците, но со оглед на тоа што „Аполо“ во тоа време чинела 4 отсто од американскиот федерален буџет, откажувањето не било изненадување. Оттогаш имало само неколку мисии, а човечките вложувања биле ограничени на мисии во орбитата на Земјата, со посебно внимание дадено на Меѓународната вселенска станица.
Една од причините за оваа промена е тоа што експлоатацијата на Месечината едноставно стигна до фаза што ги отсликува минатите истражувања на Земјата, вели Дејвид Паркер, директор за човечки и роботски истражувања за Европската вселенска агенција.
- Распоредот за истражување на Антарктикот го отсликува истражувањето на Месечината. На почетокот на векот имаше трка да се стигне до Јужниот Пол, а потоа никој не се врати 50 години - исто како мисиите за Месечината во 60-тите години. Потоа почнавме да градиме бази на Антарктикот. Сега ја приближуваме таа фаза со нашата експлоатација на Месечината - вели тој.
Антарктикот беше отворен со технолошки достигнувања - моторизирани возила, воздушен транспорт, радио и други технолошки развои - што се отсликуваат во новите науки за машинско учење, сензорска технологија и роботика. Тие ветуваат дека ќе ја трансформираат колонизацијата на Месечината на еден суштински начин: со намалување на потребата за континуирано присуство на луѓето во непријателски средини.
- Постои огромна разлика во трошоците за мисии со екипаж и беспилотните мисии. Со секој напредок во роботите и минијатуризацијата има помалку потреба да се испратат мажи или жени во вселената или на Месечината, а тоа штеди пари - вели Мартин Рис, британски астроном. За вселенска агенција како НАСА, која мора да управува со буџет малку повеќе од 10 отсто од финансирањето, ова секако е клучен проблем.
И успехот на кинеската сонда претставува пример за тоа што може да се постигне без да биде инволвиран човекот. Тоа е првото возило што успеало да стигне на далечната страна на Месечината и продолжило да работи без проблем, и покрај тоа што преживеало подолг период кога температурите паѓале под минус 180 Целзиусови степени во текот на ноќите.
Искористувањето на овие напредоци во роботиката ќе го формира столбот на претстојниот проект на САД наречен „Лунар Гејтвеј“. НАСА планира да ги искористи американските џиновски ракетни системи за вселенско лансирање и капсулите за да изгради помала верзија на Меѓународната вселенска станица што ќе орбитира околу Месечината. Партнери од Европа, Канада, Јапонија и други земји беа поканети да учествуваат во изградбата, која се планира за наредната деценија.
„Гејтвеј“ ќе го користат астронаутите за да оперираат со роботи што ќе работат на површината на Месечината. Овие автоматски машини ќе се користат за поставување радиотелескопи, собирање минерали, барање мраз и вода и за проучување на тоа како може да се користат Месечевите карпи како градежен материјал за колонија.
- Ова е добра вест за Европа - додава Паркер. Европската вселенска агенција соработува во изградбата на „Гејтвеј“ - обезбедувајќи погонски единици за вселенските бродови „Орион“ што ги превезуваат астронаутите до станицата на „Гејтвеј“ во Месечевата орбита.
Научните придобивки од проучувањето на Месечината од мисии како „Гејтвеј“ ќе бидат од огромно значење, додава Џефри Каргел од Институтот за планетарни науки во Тускон, Аризона. Овој научник е особено заинтересиран за искористување на геолошката историја на Месечината.
Паркер е еднакво ентузијастички расположен за потенцијалот на Месечината за учење.
- Таа седеше речиси невознемирена во последните 4,5 милијарди години. Тоа е музеј на историјата на Сончевиот Систем - вели Паркер.
Но, постојат и други причини за враќање на Месечината. За многу вселенски ентузијасти, истражувањето на Месечината и нејзината експлоатација се неопходни ако сакаме да го направиме следниот гигантски чекор во вселената: испраќање луѓе на Марс.
Фото: NASA
- Тоа е вистинската цел за човештвото. Но, безбедноста на луѓето е тежок подвиг. Прво ќе мора да научиме како да ја освоиме Месечината - вели Паркер.
Со градењето и водењето на Меѓународната вселенска станица, луѓето научиле како да ја совладаат вселената во близина на Земјата. Орбитира околу 400 километри над Земјата.
- Спротивно на тоа, Месечината орбитира на околу 400.000 километри оддалеченост од Земјата. Ќе биде потребно да ги надминеме сите видови технолошки пречки за да совладаме непријателска околина. Тогаш ќе бидеме подобро вооружени кога ќе почнеме со Марс, кој е 400 милиони километри оддалечен. Ова ќе биде долг процес - додава Паркер.
- Постои тенденција на Марс да се гледа како на решение за сите наши проблеми на Земјата. Само ќе се преселиме на нова планета и ќе го спасиме нашиот вид. Но, тоа е опасна заблуда. Мора да ги решиме проблемите на Земјата овде и сега. Справувањето со климатските промени можеби изгледа застрашувачко, но тоа е ништо во споредба со преживувањето на Марс - вели Рис.
Сепак, постои уште една, уште пооригинална причина за враќање на Месечината. Само шест „Аполо“ мисии успеале да стигнат на површината на Месечината, а секој екипаж бил составен од двајца мажи. Што значи само 12 луѓе стапнале на Месечината, сите мажи. Сите биле родени во текот на 20-тите и 30-тите. Клучниот момент е тоа што се живи само четворица од единствените луѓе што имале искуство од прва рака.
- Со оглед на нивната возраст, наскоро ќе се најдеме во време кога ниту една личност нема да има сеќавања од прва рака за друг свет - вели Рис.
Прашањето со кое се соочуваат вселенските научници е едноставно: Дали постои шанса уште еден човек да стапне на површината на Месечината пред да умрат последните луѓе што го направиле тоа? До неодамна одговорот би бил: „Веројатно не“. Временската рамка за изградба на „Гејтвеј“ била скромна и бавна, а астронаутите најверојатно немало да ја искористат за да стигнат до површината на Месечината најмалку една деценија.
Но, распоредот неодамна бил променет кога потпретседателот на САД, Мајк Пенс, во март објави дека Белата куќа ја насочува НАСА да ја забрза човечката компонента за овој проект, за астронаутите да можат да ја посетат Месечината до 2024 година. Многумина се сомневаат дека ова ќе биде можно.
Сепак, постојат можности оваа промена на распоредот да им дозволи на американските астронаути во блиска иднина да стапнат на површината на Месечината, така што преживеаните астронаути од „Аполо“ ќе бидат сведоци како други луѓе ги следат нивните стапки.
Кога астронаутите од „Аполо“ слетале на
Месечината, се чинело дека се реализирала научната фантастика.
- Би било добро ако можеме да го вратиме тоа чувство на чудо - вели Рис.