X
 06.11.2023 Живот

Њујорк ја забрани работата на „Ербиенби“, а за тоа размислуваат и европските градови

На 5 септември Њујорк донесе нови прописи што доведоа до она што „Ербиенби“ го нарече „де факто забрана“ на платформата.

Имено, новите правила забрануваат изнајмување на целата куќа, ограничени резервации за двајца гости и бараат домаќинот да биде во куќата со оние што ја изнајмуваат.

На оваа одлука би можеле да се приклучат и другите градови во борбата со кризата на станбениот пазар. Со повеќе од 6 милиони имоти во 100.000 градови и населени места изнајмени преку „Ербиенби“, многу политичари почнуваат да сфаќаат дека огромен број домови се изгубени поради краткорочните изнајмувања резервирани од дигиталните платформи.

Ова дополнително ги зголемува и онака недостапните кирии за луѓето кои живеат во градовите и туристичките области со голем број други куќи за изнајмување.

Од друга страна, популарната перцепција на „Ербиенби“ е дека одредени домаќини сакаат да изнајмат соба или имот додека се отсутни, нудејќи евтино, забавно и флексибилно сместување во своите домови наместо традиционални хотели.

- „Ербиенби“ тврди дека е дел од економијата за споделување и дека не ја нарушува хотелската индустрија. Но, податоците покажуваат дека поголемиот дел од огласите на „Ербиенби“ во повеќето градови се цели домови, од кои многу се издаваат во текот на целата година, што ги нарушува домувањето и заедниците - се наведува во истражувањето на Институтот за економска политика со седиште во САД.

Истражувањата покажуваат дека краткорочните изнајмувања преку „Ербиенби“ имаат директно влијание врз кириите, а извештајот на Институтот покажа дека воведувањето и проширувањето на „Ербиенби“ во Њујорк можеби ги зголемило просечните кирии за речиси 400 долари годишно за жителите на градот.

Новиот закон следува по судската битка со „Ербиенби“, која двапати го тужеше градот повторувајќи ги правните битки со другите градови кои се обидуваат да ја зауздат компанијата.

Низ Европа, различни национални закони и различни ограничувања меѓу градовите одразуваат обиди да се воведат различни степени на регулација. Барселона и Мадрид наметнуваат построги ограничувања, додека Лондон и Прага се меѓу најмалку регулираните.

Многу градови сега поставуваат ограничувања на бројот на ноќевања кои домаќинот може да ги изнајми како имот, со ограничување од 90 дена во Лондон и 120 дена во Париз. Но, ако усогласеноста не се следи строго, сопствениците рутински ги кршат правилата.

Контролирањето на растот на „Ербиенби“ може да биде само дел од многу поширока дебата за тоа како да се реши станбената криза.

Извор: Biznis.telegraf.rs
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот