X
 08.05.2020 Живот

Градови чија цел е да станат оаза за пешаците и велосипедистите по карантинот

Европските градови Париз, Берлин и Милано работат на тоа да станат оази за пешаците и велосипедистите.

Париз е лидер во овие цели со поставување 65-километарски велосипедски патеки низ градот, почнувајќи од 11 мај кога Франција ќе влезе во втората фаза од карантинот. Ова е дел од постојната шема позната како „План Вело“, воведена од градоначалничката Ен Хидалго пред кризата со пандемијата - францускиот главен град да биде попривлечен за велосипедистите до 2024 година. Но, со тоа што социјалното дистанцирање ќе биде норма во иднина, а велосипедите станаа начин на транспорт за повеќето луѓе, планот беше забрзан, па веќе е во тек подобрувањето и проширувањето на велосипедските ленти.

Со секаков вид стимуланси се охрабруваат луѓето да се одлучат за велосипедот како превозно средство. На пример, тие можат да се приклучат на програмата „поправка на велосипед“ што им ги поправа велосипедите во висина од 50 евра преку регистрирани механичари во градот. А и вработените можат да побараат 400 евра за патни трошоци за оние што возат велосипед за на работа.

- Додека 60 отсто од патувањата во Франција се помали од 5 километри, наредните недели претставуваат можност за многу Французи да изберат велосипеди - вели министерката Елизабет Борн.

Исто така, Париз забранува автомобили на „Ру де Риволи“, една од најпознатите сообраќајници во градот, резервирајќи ја за велосипедистите, јавниот превоз и возилата за итни случаи.

velosiped
Фото: Screenshot/YouTube

И Берлин презема слични чекори за спроведување „поп-ап“ ленти за велосипеди за да им помогне на луѓето да одржуваат социјално дистанцирање додека се на улиците. Поставени се црвено-бели ленти и привремени знаци за обележување на проширените ленти за велосипедски патеки. А во Милано официјалните лица планираат да одвојат 35 километри од улиците на градот за велосипедисти и пешаци.

velosiped
Фото: Unsplash

Намалувањето на бројот на автомобили на нашите улици од моментот кога беа воведени мерки за карантин имаше позитивен ефект врз животната средина и јавното здравје. Според Центарот за истражување на енергија и чист воздух, подобрувањето на квалитетот на воздухот во текот на минатиот месец довело до 11.000 помалку смртни случаи од загадување во Европа.

Исто така, ова влијаеше и врз тоа како се однесуваме со улиците во урбаните средини, кои сега целосно им припаѓаат на пешаците и велосипедистите.

Извор: Lonely Planet
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот