X
 06.12.2022 Живот

Иницијатива за лекторат по македонски јазик во Тирана

Претседателот на македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Никола Ѓурѓај, до Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје доставил официјално барање за реактивирање на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана, соопшти Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ).

На состанок меѓу Ѓурѓај и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, било истакнато дека лекторат би бил клучен за унапредување на културните врски меѓу двата народа и двете држави, за развивањето на добрососедските односи и за градењето нови мостови на соработка меѓу македонската и албанската академска научна средина.

– Лекторат по македонски јазик на Универзитетот во Тирана е повеќе од потребен. Не само поради големиот интерес за македонистиката од страна на новите генерации на македонската заедница која е втора по бројност меѓу малцинствата во Албанија, туку и за да се овозможи сите студенти што студираат филологија во Тирана да можат да го изучуваат и македонскиот јазик - се наведува во соопштението на МСМЈЛК при УКИМ.

На состанокот било нагласено дека покрај подготвеноста на УКИМ за остварување на барањето, неопходен е интерес и од страна на Универзитетот во Тирана и клучни се заложбите од институциите на нашата држава – најпрво дипломатски, а потоа и заложби за обезбедување финансиски средства за функционирање на лекторатот.

- МСМЈЛК при УКИМ во рамките на своите надлежности, стоејќи зад определбата за зголемување на присуството на македонскиот јазик на странските универзитети, изразува решеност и подготвеност да ги обезбеди потребните материјали и стручноста кои би гарантирале успешна настава по македонски јазик, литература и култура. Но и да се заложи пред институциите во поширок контекст да се сфати колку е важно и потребно и Универзитетот во Тирана да биде високообразовен центар на кој ќе се изучува македонистиката - наведува МСМЈЛК.

На Универзитетот во Тирана неколку години функционирал Лекторат по македонски јазик, но веќе повеќе години македонистиката воопшто не се изучува, а, како што нагласуваат од македонското друштво „Илинден“, интересот за неа е голем.
МСМЈЛК потсетува дека неодамна почнаа да работат Катедра и Лекторат по македонски јазик на Универзитетот на Анкара и се преземаат активности за отворање лекторат по македонски јазик во Пекинг.

Извор: МИА


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот