X
 07.10.2015 Образование

Студентите знаат македонски јазик за тројка


 
Бруцошите кои се запишуваат на Филолошкиот факултет, знаат правопис и граматика на македонскиот јазик за оценка 3. Ова е ставот на универзитетски професори по македонски јазик, кои секојдневно ги согледуваат грешките во правописот и граматиката кои ги прават студентите. Тоа го забележуваат, секако, на писмените тестови и на колоквиумите.

Причина за ваквиот тренд кој е присутен во последниве години според професорите, е во претходните нивоа на образование каде што не се обрнува доволно внимание на македонскиот јазик.

Пишуваат „несакам", „неможам"...

Студентите читаат малку белетристика, а повеќе содржини на Интернет, вели професорот по македонски јазик, Људмил Спасов од катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет „Блаже Конески".

- Забележувам дека на социјалната мрежа „Фејсбук" се најактивни. Се критикуваат меѓусебно, се поправаат кога некој употребува дијалекти, турцизми, србизми, кога им е погрешен правописот и граматиката. Тоа е позитивно, тоа значи дека се свесни дека се греши и се трудат тоа да го исправат. Но, сепак има студенти кои пишуваат зборови слеано или разделено тогаш кога не треба, на пример, пишуваат „нај јаки", „неможам", „несакам" и слично. Или грешат кога од именка треба да изведат придавка, на пример, „пристаниште" - „пристаништен", а тие пишуваат „пристанишен". Тоа е поразително со оглед на тоа дека претходни 12 години биле во образовниот процес и учеле македонски јазик - вели Спасов.

Читаат повеќе

Професорот додава дека денешните студенти многу повеќе читаат во посредба со порано, повеќе посетуваат саеми на книга и купуваат повеќе книги. За сметка на тоа, речиси не читаат весници и списанија, а целокупната комуникација им се одвива главно на Интернет.

- Училиштните програми во основното и во средното образование не се прилагодени на новото време, застарени се. Тие се правени како да не постои електронска комуникација. Затоа сметам дека треба да има сериозна реформа на наставните програми и во рамките на граматиката да се изучуваат стилови на пример, административен стил, белетристика и слично. Исто така, потребно е и да се даде нагласок на јавната комуникација, на креативното пишување, како да се насрапи во јавност. Ќе научат правилно да пишуваат „се` уште" и „не можам" тогаш кога тоа ќе го вежбаат, а не само да учат сув правопис. Правописот најдобро не се учи теоретски, туку практично - смета професорот.
Подготвил: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование